Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска осудена правосилно на 4 години затвор за незаконската набавка на мерцедесот од речиси 600 илјади евра за Никола Груевски, вечерва со полиција е спроведена во женското одделение во затворот „Идризово“. Ноќва таа почнува да ја отслужува затворската казна.
Јанкулоска одговара за злоупотреба на службената положба и овластувањата зашто му наложила на помошникот-министер во МВР Ѓоко Поповски да го намести тендерот и со пари од буџетот на полицијата, да купи блиндиран мерцедес, не за полицијата, туку за тогашниот премиер Никола Груевски, по негова нарачка.
Тој е осуден на две години затвор, но избега во Унгарија.
Јанкулоска сега на судењата за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ и за злоупотребите и злосторничкото здружување во три изборни циклуси (случај „Титаник“), ќе биде спроведувана од затвор.
Врховниот суд на Република Северна Македонија на 18 септември ги одби барањата на осудените Ѓоко Поповски, Гордана Јанкулоска и Никола Груевски за злоупотреби при набавката на мерцедесот за вонредно преиспитување на затворските пресуди за случајот „Тенк“.
Поповски поради високата казна одамна е во затворот „Идризово“.
С. К. ДЕЛЕВСКА