ЗА ДА СЕ ОСЛОБОДИ МЕСТО ЗА КОВИД-ПАЦИЕНТИ СЕ ДИСЛОЦИРААТ ХИРУРШКИТЕ АМБУЛАНТИ ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА

    ЗА ДА СЕ ОСЛОБОДИ МЕСТО ЗА КОВИД-ПАЦИЕНТИ СЕ ДИСЛОЦИРААТ ХИРУРШКИТЕ АМБУЛАНТИ ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦАСтанува збор за четири простории кои имат посебен влез, во кои досега се вршеа хируршки прегледи и интервенции, а сега ќе бидат наменети за болнички престој на пациенти со ковид-19 со полесна клиничка слика. (Фото: СДК.МК)

    Струмичката болница ги дислоцираше хируршките амбуланти од стариот во новиот болнички крак за да се ослободи простор за сместување ковид пациенти, бидејќи на Инфективното одделение со денови нема легла за прием на новозаболени. Станува збор за четири простории кои имат посебен влез, во кои досега се вршеа хируршки прегледи и интервенции, а сега ќе бидат наменети за болнички престој на пациенти со ковид-19 со полесна клиничка слика. Таму веќе се прават последните интервенции на просторот, за да може дел од заболените бидат сместени и да се лекуваат.

    Како што најави директорот на болницата Наќе Гогов, во хируршките амбуланти ќе се постават 15 кревети и на тој начин ќе се растовари притисокот на Инфективното одделение, каде во моментов се лекуваат 20 ковид пациенти.

    „Во последните две недели се зголеми бројот на пациентите со ковид -19, па ние бевме принудени да отвориме дополнителен простор. Затоа, предвремено ги дислоциравме хируршките амбуланти во новиот болнички крак каде ионака планиравме да ги сместиме. Во ослободените простории ќе има можност да бидат сместени 15 пациенти со лесна клиничка слика. Првите пациенти очекуваме да ги сместиме веќе од понеделник“, вели Гогов.

    Струмица последнава недела секој ден бележи двоцифрен број новозаразени и станува ново жариште на коронавирусот. За последните 24 часа се регистрирани нови 11 позитивни и еден смртен случај. Досега од компликациите на вирусот починаа 13 струмичани, сите во болнички услови.

    Во моментов, во овој регион има 162 активни случаи, при што добар дел се лица на возраст од 15-30 години, велат од Центарот за јавно здравје, од каде велат дека тоа е резултат на честите групирања и ноќните забави.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира