По 7 години откако зградата на ЕВН и ЕСМ беше заградена заради менување на фасадата во барок стил, тргнати се скелињата и платната со кои беше покриена. Две години откако беше раскинат договорот со изведувачот „Бетон“ зградата е откриена и сега чека нова фасада.
„Побаравме скелињата да бидат тргнати бидејќи договорот беше раскинат со изведувачот уште во октомври 2018 година. По раскинувањето на договорот, не се плаќаат никакви пенали. Предметниот договор беше во вредност од 3,6 милиони евра, а исплатени на изведувачот се околу 400.000 евра“, велат од државната компанија ЕСМ.
Откако австриската компанија ЕВН се пресели во Градската куќа на кејот на Вардар, сега единствeни сопственици на зградата се ЕСМ. Раководството на компанијата вели дека веќе се во разговори со Град Скопје и Општина Центар да се изработи идејно решение за нова, модерна и стаклена фасада, но не прецизираат до кога зградата ќе стои соголена.
Зградата на ЕСМ е изградена 1962 и е еден од најзначајните објекти на македонската модерна архитектура. Автор на идејното решение е белградскиот архитект Бранко Петричиќ. Фасада ја дизајнираше и реализираше покојниот архитект Ѕвонимир Никуљски кон крајот на 1970-тите години и тој целосно го испочитувал делото на колегата кој е автор на првичниот проект. Втор пат фасадата е реконструирана во 2000 година. Тогаш е додадено стаклото и е полиран мермерот.
А. АНТЕВСКА