Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека сега секој граѓанин е сам свој инспектор и полицаец и мора да се придржува до препораката на Комисијата за заразни болести за задолжително носење маска и на отворено, одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство во Градски парк во Скопје.
„Огромна е одговорноста и на граѓаните. Сега е секој сам свој инспектор и полицаец и мора да се поддржува до оваа мерка. Ниту здравствените работници, ниту инспекторатот и полицијата можат сами“, кажа Филипче.
За медицинските индикации за носењето маски и на отворено, министерот кажа дека помага и за спречување на други болести, а со тоа и за намалување на товарот врз здравствениот систем.
„Се избегнуваат и случаи на средба, групирање или разминување со потенцијален носител на вирусот. Се намалува ризикот на некој начин и од сезонски настинки и грип, а сега е период кога секој треба сериозно да внимава на сопственото здравје заради тоа што притисок кон болниците е притисок кон целокупниот капацитет кој сега е посветен на третман на овие ковид пациенти. Битно е сите болници да бидат што е можно попразни“, рече Филипче.
Тој кажа и дека некои публикации укажуваат дека загадениот воздух и ПМ10 честичките сепак помагаат во преносот на вирусот на многу поголема дистанца. За препораката рече дека донесена по искуствата во Италија, каде што по воведувањето на оваа мерка се подобрила епидемиолошката слика.
Комисијата за заразни болести на 8 октомври донесе одлука да ѝ препорача на Владата да се воведе задолжително носење маски секаде, при престој на отворено, на работно место, во јавен транспорт и во приватни возила ако лицата не живеат заедно.
Вчера во земјава беа регистрирани 386 случаи на ковид-19, а бројот на активни случаи во моментов изнесува 3.373.