ДАМЈАН МАНЧЕВСКИ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ПОЛИТИКАТА, ОДИ ВО ПРИВАТЕН СЕКТОР

    ДАМЈАН МАНЧЕВСКИ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ПОЛИТИКАТА, ОДИ ВО ПРИВАТЕН СЕКТОРМанчевски денеска на својот Фејсбук профил објави дека поднел оставка од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ бидејќи прифатил ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со било каков политички ангажман. (Фото: Влада)

    Поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски се повлекува од политиката и заминува во приватниот сектор, објави самиот на својот фејсбук профил. Манчевски кој на парламентарните избори беше избран за пратеник во Собранието, минатиот месец си поднесе оставка, а денеска објави дека поднел оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ бидејќи прифатил ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со било каков политички ангажман.

    „Одлучувам да ја напуштам политиката кога можеби најмалку се очекуваше. После победа и нов мандат. Сепак, решив да се вратам на професијата и во приватниот сектор. Влегувам во нова борба. Време е за нови предизвици. Професионално во политиката влегов кога беше најтешко, во 2015 година. Срушивме режим на мирен начин, земјата е членка на НАТО, отворен ни е патот кон членство во ЕУ, ја вративме слободата и демократијата, платите растат. Не беше лесно. Многу преживеавме заедно. Но, денес Северна Македонија е на вистинскиот пат и следат уште подобри времиња“, напиша Манчевски на Фејсбук.

    Манчевски вели дека оваа негова одлука нема никаква врска со било која состојба во политиката.

    „Таа е лична и само моја. Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор. Останувам во државата, да ја споделувам судбината и борбата за подобар живот“, додава Манчевски за кого се зборуваше дека ќе биде новиот генерален секретар на Владата.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира