Американското министерство за правда ја закажа првата федерална егзекуција на жена по речиси 70 години пауза. Лиза Монтгомери, осудена за убиство од 2004 година, ќе биде усмртена со инјекција на 8 декември во затворот во Тере Хоут, Индијана.
Последната жена која била егзекутирана од американската влада е Бони Хиди, која почина во гасна комора во Мисури во 1953 година.
Монтгомери беше осудена на смрт за убиството на 23-годишната Боби Џо Стинет, која во тој момент била во осмиот месец на бременоста. Таа ја задавила Стинет со кабел, по што со нож ѝ го исекла стомакот и го извадила бебето, додека самата лажирала дека е трудна. Бебето Викторија Џо Стинет го преживеа нападот, а по апсењето на Монтгомери наредниот ден, му беше вратено на таткото и денес има 16 години.
Монтгомери ја запознала Стинет преку интернет, преправајќи се дека сака да купи куче од неа.
„Монтгомери заслужува да живее бидејќи е ментално болна. Таа одамна ја прифати одговорноста за злосторството и никогаш нема да излезе од затвор“, изјави нејзината адвокатка Кели Хенри.