Западната трибина на Градскиот стадион во Штип веќе е срушена и на нејзино место се гради нова трибина за 2.000 гледачи. Градскиот стадион целосно ќе биде готов догодина, кога штипскиот фудбал и ФК Брегалница го одбележуваат 100. роденден.
Целосната реконструкција на стадионот е заеднички проект на Општината и на Фудбалската федерација на Македонија, а во првата фаза беа поставени нов тренажен терен и рефлектори. Како што е договорено со актуелната локална власт, новата трибина ќе биде финансирана од ФФМ преку проект на УЕФА, а Општината заедно со новите донатори имаат обврска да ја изградат другата трибина.
Ниту ФФМ, ниту општинските кофинансиери не откриваат колку чини овој проект, но штипската фудбалска јавност е задоволна што стадионот се гради по сите европски норми, со желба Брегалница да го прослави својот 100. роденден со некој меѓународен натпревар.
ФФМ вакви проекти реализира и на градските стадиони во Охрид, Прилеп, Битола, Тетово и Чаир.
Т. ЈОВАНОВСКИ