ДВАЈЦА ОХРИЃАНИ ПОДНЕСОА ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН ЗА УКИНУВАЊЕ НА МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА, БОГДАНОВИЌ БАРА ДА СЕ ОДБИЕ

    ДВАЈЦА ОХРИЃАНИ ПОДНЕСОА ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН ЗА УКИНУВАЊЕ НА МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА, БОГДАНОВИЌ БАРА ДА СЕ ОДБИЕПлановоте кои се под мораториум се штетни и директно и индиректно ќе влијаат врз загрозување на животот и правата на граѓаните, се вели во одговорот на Општина Центар со Уставен суд. (Фото: К. Попов)

    Деталните урбанистички планови (ДУП) кои се под мораториум се штетни и директно и индиректно ќе влијаат врз загрозување на животот и правата на граѓаните, се вели во одговорот на Општина Центар до Уставен суд, откако повторно беше поднесена иницијатива за укинување на мораториумот за градба. Иницијативата за укинување на мораториумот за градба во Центар до Судот ја поднеле двајца граѓани од Охрид.

    Градоначалникот Саша Богдановиќ денеска достави одговор до Уставниот суд во кој покрај образложение зошто е стопирана реализацијата на ДУП-те, бара поднесената иницијатива да биде отфрлена.

    „Деталните урбанистички планови кои што се опфатени во Одлуката за начиниот на применување на деталните урбанистички планови од 27.3.2019 година, не се усогласени по ниту еден основ со Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје од 2012 до 2022 година. Донесувањето и спроведувањето на деталните урбанистички планови претставува дел од двостепеноста на системот на урбанистичкото планирање. Ако генералните урбанистичките планови служат за да ја одредат намената на земјиштето и функционалната организација на просторот, примарните инфраструктурални мрежи и основните услови за изградба, деталните урбанистрички планови служат за разработка и спроведување на ГУП-от,  согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање. Според тоа, ниту едно право, вклучувајќи го и правото на сопственост, не смее да биде исклучиво над друго право. Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2012 до 2022 и деталните урбанистички планови, не смеат и не ги третираат поединечните права како исклучиви над преостанатите поединечни права“, се вели во одгвоорот на Општина Центар со Уставен суд.

    Лани, Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на мораториумот до Уставен суд беше поднесена од Градежната комора и Стопанската комора на северозападна Македонија. Потоа, на 20 март Уставниот суд времено го укина мораториумот додека не се донесе одлука дали тој е законски донесен и во согласност со Уставот.

    По ваквата одлука на Уставен суд, Општина Центар донесе нова одлука за мораториум со која Деталните урбанистички планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (ГУП), нема да се применуваат. Сите планови кои се ревидираат се спротивни на ГУП-от, па со тоа во Општината не се издаваат дозволи за градба додека не бидат усогласени со Генералниот план, односно не бидат донесени нови планови.

    Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017 донесе мораториум на градба, со кој беше стопирана реализацијата на 31 детален план. Досега се донесени само пет планови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира