Место од идните избори, политичките партии кои учествуваа на предвремените парламентарни избори во јули, трошеле буџетски средства во предизборната кампања, што е забрането. Тоа го правеле на начин што од редовната партиска сметка (таа за редовното работење), ги префрлале средствата земени од Министерството за правда, на изборната сметка.
Државната комисија за спречување на корупцијата објавувајќи го Посебниот извештај за финансирање на кампањата на партиите, денеска кажа дека оваа забранета операција не се правела со истата сума од редовната сметка. Се вршеле злоупотреби.
„Воочивме дека 5 партии префрлале од редовната, на изборната сметка. Тоа не е законски. Сите средства може да ги искористат за избори, освен оние од Министерството за правда. Партиите ги земаат парите од Буџетот и како донации ги вбризгуваат во изборната сметка. Пример, земаат милион евра од Буџетот, уплаќаат на изборната сметка 3 милиони евра. Државниот завод за ревизија треба да каже откај се другите 2 милиона”, рече на денешниот прес членот ма ДКСК Катица Николовска.
ДЗР треба да ги испита сомнежите и ако се потврдат, Антикорупциската комисија ќе покрене постапка пред Обвинителството.
Парите на граѓаните кои ги добиваат партиите се наменети за редовно работење. Како приватни извори се членарините, донациите од правни и физички лица, кредитите и тие може да се искористат во кампања.
Комисијата утврдила и нелогичност во финансирањето на изборните кампањи преку донации.
„Со членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии физичко лице не може да донира повеќе од 30 просечни нето плати во годината, односно за правно лице повеќе од 60 просечни плати. Ако се земе предвид дека просечна плата во месец јуни била 25.813 денари едно физичко лице не смее да уплати донација на редовната сметка повеќе 12.500 евра годишно, а за правни лица не повеќе од 25 илјади евра годишно. Од друга страна, во Изборниот законик се вели дека физичко лице не смее да донира повеќе од три илјади евра, а правно лице повеќе од 30 илјади евра. На овој начин се успеа да се обезбеди проток на парите, што партиите ги прибираат на редовните сметки, во поголеми износи да бидат уплатувани на изборните сметки. Воочивме дека постојат лица што донирале и на редовната и на изборната сметка, па кога ќе се сумираат износите тие се многу повеќе од износот што е лимитиран со Изборниот законик. Се поставува прашањето која е потребата од лимитирање на донации во Изборниот законик ако можеме од редовната сметка да префрлиме било какви средства во било кој износ”, рече Николовска.
Комисијата пред изборите не констатирала итни и неодложни вработувања, додаде Николовска.
С. К. ДЕЛЕВСКА