Град Скопје и десетте скопски општини ќе имаат заедничка инспекција, со цел во иднина да нема примери како дивоградбата кај „Мавровка“ во строгиот центар на градот, најави градоначалникот Петре Шилегов на денешната дебата „Граѓански мониторинг на локалните инспекторати“. Шилегов кажа дека Град Скопје е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор и дека во моментов се подготвува меѓуопштински договор кој до крајот на овој месец треба да го потпишат Град Скопје и десетте општини, преку кој ќе се изврши централизирање на инспекцискиот надзор на територијата на главниот град.
„Во тек е финално усогласување на ставовите кое ќе резултира со конечен предлог. Целта на ова е да се избегнат случаите каде што некој може да помисли, а камоли да започне да гради дивоградба во центарот на Скопје, каков што беше случајот со дивоградбата кај ‘Мавровка‘. За жал, тоа се некои навики од минатото кои по инерција се случуваат кај поединци, но она што е позитивно за разлика од минатото, е фактот што сега постои политичка волја на сите релевантни субјекти да се спречи ваквото урбанистичко дивеење и не само да се спречи, туку и да се превенира и во иднина да не ни се случува истото“, рече Шилегов.
Според податоците на Град Скопје кои ги презентирашње градоначалникот Шилегов, за 134 % е зголемено постапувањето на комуналната инспекција по барање на граѓани, односно од 82 барања во 2018 на 192 барања во 2019 година. За 237% е зголемен контролниот инспекциски надзор на комуналните инспектори, во 2018 – 92, а во 2019 – 310 контролни надзори. Во 2019 изречени се 127 платни налози, што е за 807% повеќе во однос на 2018 со 14 налози.
А. АНТЕВСКА