ВЛАДАТА НЕ МУ ГО ПРОДОЛЖИ МАНДАТОТ НА ГОРЈАН ТОЗИЈА, НОВ ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЌЕ СЕ БИРА НА ОГЛАС

    ВЛАДАТА НЕ МУ ГО ПРОДОЛЖИ МАНДАТОТ НА ГОРЈАН ТОЗИЈА, НОВ ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЌЕ СЕ БИРА НА ОГЛАСМандатот на Горјан Тозија како директор на Агенцијата за филм истече на 4 август, а тој на прес-конференцијата на 24 јули изјави дека од Владата побарал продолжување. (Фото: Агенција за филм)

    Нов директор на Агенцијата за филм ќе се бира на јавен оглас што ќе го објави Владата, откако на вечерашната седница констатира дека на директорот на Агенцијата Горјан Тозија му е завршен мандатот и донесе заклучок да не му биде продолжен.

    Мандатот на Горјан Тозија како директор на Агенцијата за филм истече на 4 август, а тој на прес-конференцијата на 24 јули изјави дека од Владата побарал продолжување.

    Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 23 јули побара од Владата да го разреши Тозија пред истекот на мандатот поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност, но како што кажа вчера членот на Комисијата Владимир Георгиев, Владата ѝ одговорила дека не е надлежна да го разреши, иако согласно членот 16 од Законот за филмска дејност, Владата го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за филм. Тој кажа дека ДКСК иницијативата за разрешување на Тозија и одговорот од Влада ги доставила до вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

    Антикорупциската комисија отвори предмети за работата на Тозија за предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата. Предметот ја испитуваше законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата. Исто така, „Транспаренси интернешнел Македонија“ на 6 јули до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Тозија за незаконските исплати од Агенцијата, врз основа на новинарски извешаи, меѓу кои и на САКАМДАКАЖАМ.МК. Кривичната пријава е за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, казниво по член 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а во врска со член 34 од Законот за филмската дејност.

    Владата на седницата избра членови на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Северна Македонија, и заклучи да им препорача на членовите да поведат постапка за разрешување на актуелниот директор Шпенд Хајредини, поради индиции за сериозни нарушувања на повеќе одредби од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, како и заради постапки кои укажуваат на надминување на надлежностите предвидени со Законот за јавни претпријатија.

    Владата донесе одлука да му предложи на УО на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта да го разреши актуелниот директор Љујзим Фејзулаи заради неисполнети обврски од програмата за работа и заради слаби резултати и на негово место да го именува Нефрус Челик.

    На оваа седница Владата донесе одлуки за именување директори, в.д. директори и членови на Управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во владина сопственост.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира