АНТИКОРУПЦИСКА ПОБАРА ОД ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ ДА ГО РАЗРЕШИ ГОРЈАН ТОЗИЈА ПО ИСТ ТЕРК КАКО ШТО ЈА РАЗРЕШИ ЛИДИЈА ДИМОВА, ТОЗИЈА ПОДНЕСЕ ТРИ ТУЖБИ ПРОТИВ САКАМДАКАЖАМ.МК

    АНТИКОРУПЦИСКА ПОБАРА ОД ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ ДА ГО РАЗРЕШИ ГОРЈАН ТОЗИЈА ПО ИСТ ТЕРК КАКО ШТО ЈА РАЗРЕШИ ЛИДИЈА ДИМОВА, ТОЗИЈА ПОДНЕСЕ ТРИ ТУЖБИ ПРОТИВ САКАМДАКАЖАМ.МК„Владата ни одговори дека одговорност, онака како што сме ја побарале, е предмет на позитивното законодавство во земјава и дека е тоа во надлежност на други органи. Ние сметаме дека токму Владата е надлежна да постапи, бидејќи Владата согласни о членот 16 од Законот за филмска дејност го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за филм“, вели Владимир Георгиев од Антикорупциска комисија. (Фото: Принтскрин од видео од денешната прес-конференција на ДКСК)

    Владата ѝ одговорила на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) дека не е надлежна да го разреши в. д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, иако согласно членот 16 од Законот за филмска дејност, Владата го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за филм, рече денеска на прес-конференција членот на Комисијата, Владимир Георгиев.

    Антикорупциска на 23 јули побара од Владата да го разреши Тозија пред истекот на мандатот поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност.

    „Ние поднесовме иницијатива согласно член 17 од Законот за спречување корупција и судир на интереси во врска со постапувањето на в. д. директорот Горјан Тозија на Агенцијата за филм, со која побаравме одговорност, меѓутоа во самата иницијатива, во следниот пасус напишавме дека таа одговорност што ја бараме од Владата да утврди е всушност да го разреши согласно член 16 од Законот за филмска дејност.
    Добивме одговор во предвидениот рок од 60 дена, во кој Владата нѐ информира дека ја разгледала нашата иницијатива, дека во меѓувреме поради пандемијата, техничка влада итн, не именувала друг директор, т. е. не распишала оглас бидејќи би требало да се распише оглас, но нигде не наведува дека ќе го разреши в. д. директорот Тозија. Конечно во последниот пасус на одговорот пишува дека одгoворноста, онака како што сме ја побарале, е предмет на позитивното законодовство во земјава и дека е тоа во надлежност на други органи. Ние сметаме дека токму Владата е надлежна да постапи, бидејќи Владата, како што кажав, согласно членот 16 од Законот за филмска дејност го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за филм. Така што, ние оваа претставка, иницијативата и одговорот ги доставивме до вицепремиерот за корупција Љупчо Николовски и очекуваме одговор што понатаму ќе се случи“, одговори Георгиев на новинарско прашање дали добиле одговор од Владата за нивната иницијатива.

    Мандатот на Горјан Тозија како директор на Агенцијата за филм истече на 4 август, а тој на прес-конференцијата на 24 јули изјави дека од Владата побарал продолжување.

    Поради „неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста“, вчера на предлог на вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, Владата му препорача на Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да ја разреши директорката Лидија Димова.

    „Оваа постапка ја овозможува членот 23 од Етичкиот кодекс, според кој претседателот на Владата може да побара политичка одговорност, односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување, и да покрене иницијатива за информирање на надлежни институции, при што врз основа на сознанијата и одлуките на Управниот одбор, ќе се запазат сите постапки за гарантирање на принципот за презумпција на невиност“, соопшти за случајот со Димова вчера Владата.

    Антикорупциската комисија отвори предмети за работата на Тозија за предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата. Предметот ја испитуваше законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата.

    „Транспаренси интернешнел Македонија“ на 6 јули до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Тозија за незаконските исплати од Агенцијата, врз основа на новинарски извешаи, меѓу кои и на САКАМДАКАЖАМ.МК. Кривичната пријава е за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, казниво по член 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а во врска со член 34 од Законот за филмската дејност.

    Тозија овој месец поднесе 3 тужби против редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК во врска со истражувачките стории за неправилностите во работата на Агенцијата, откако претходно Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и по третпат ги осуди неговите закани со тужби кон медиуми и дисквалификации на новинари.

    Претходо на 27 јули, преку непотпишано соопштение до јавноста лиферувано од ПР фирма, Агенцијата за филм се закани со кривични пријави против редакциите САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК и МКД.МК за истражувачките стории за неправилностите во работата на Агенцијата. Овие закани беа осудени и од  ЗНМ како и од угледната меѓународна организација Репортери без граници (РСФ) од каде побараа државните функционери да престанат со „такво апсурдно заплашување кон медиумите“.

    „РСФ ги осудува заканите на Агенцијата за филм за кривични пријави против САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК И МКД.МК за извештаите за корупција во државната институција потврдени и со официјална истрага. Државните функционери мора да престанат со такво апсурдно заплашување на медиумите!“, соопшти на 30 јули РСФ.

    Со оглед дека станува збор за државна институција чие раководство го именува Владата, САКАМДАКАЖАМ.МК и другите две нападнати редакции побараа Владата да постапи и да ја утврди одговорноста за злоупотребата на нејзините ресурси заради закани кон медиумите. Повеќе од 2 месеца од Владата нема реакција.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира