ЗНМ ГИ ОСУДИ ГРУБИТЕ ДИСКВАЛИФИКАЦИИ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ КОН САКАМДАКАЖАМ.МК И НОВИНАРКАТА МАРИНА КОСТОВА

    ЗНМ ГИ ОСУДИ ГРУБИТЕ ДИСКВАЛИФИКАЦИИ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ КОН САКАМДАКАЖАМ.МК И НОВИНАРКАТА МАРИНА КОСТОВАЗНМ смета дека преку „ваквата непримерна комуникација со новинари, Агенцијата за филм која се финансира пред се од буџетот на државата и има законска одговорност да биде транспарентна и професионална, илустрира како не треба да се негува професионален однос со новинари кои работат во интерес на јавноста“. (Фото: Агенција за филм)

    Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осуди грубите дисквалификации кон новинарката Марина Костова и дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК што вчера во соопштение за медиуми ги искажа Агенцијата за филм. ЗНМ смета дека преку „ваквата непримерна комуникација со новинари, Агенцијата за филм која се финансира пред сè од буџетот на државата и има законска одговорност да биде транспарентна и професионална, илустрира како не треба да се негува професионален однос со новинари кои работат во интерес на јавноста“.

    Преку непотпишано соопштение испратено вчера до медиумите и насловено „Дали во новата милионска драма на Милчо Манчевски главните улоги ги толкуваат Марина Костова, Тања Пепељуговска и Слаѓана Тасев?“, а денеска објавено и на официјалната фејсбук страна, Агенцијата за филм со низа реторички реченици и прашања, лично ја навредува и дискредитира колешката Марина Костова поради претходните написи на САКАМДАКАЖАМ.МК поврзани со работата на оваа Агенција, вели ЗНМ.

    САКАМДАКАЖАМ.МК, каде Костова е заменик-главна уредничка и уредничка за проверка на факти, објави серија написи во врска со незаконските предвремени исплати без банкарски гаранции на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата за филм, а Антикорупциската комисија веќе има отворено предмет за тоа и за други незаконитости. Предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата. За овој случај, по текстовите во САКАМДАКАЖАМ.МК и во РАДИОМОФ.МК, „Транспаренси интернешенел“ поднесе кривична пријава до Обвинителството против против вршителот на должност директор на Агенцијата за филм Горјан Тозија.

    „Во нивното соопштение се вели дека новинарката Костова е здружена во идејата да ја компромитира работата на Агенцијата и на нејзиниот директор Горјан Тозија без притоа да се аргументираат овие обвинувања туку само преку неосновани констатации и прашања во самиот текст. Доколку директорот на Агенцијата за филм, ако воопшто тој стои зад ова скандалозно соопштение, имал проблем со начинот на кој известуваат новинарите и медиумите за неговата работа можел да се обрати до Советот за етика или Советот на честа, но не и да се користи имиџот и ресурсите на Агенцијата за јавна пресметка со критични новинари“, вели ЗНМ.

    Од Здружението велат дека за овој инцидент ќе биде известен претседателот Управниот одбор на Агенцијата за филм Александар Касапинов, како и четирите негови членови, кои се именувани од страна на Владата и ќе биде побарано од нив Агенцијата јавно да се извини на колешката Костова.

    Неколку часа по осудата на ЗНМ, во непотпишано соопштение до медиумите Агенцијата за филм обвини дека пишувањата за предметот отворен од Антикорупцикса комисија и кривичната пријава од „Транспаренси интеренешенл“ се „нарачани медиумски хајки каде позадината е личен или финансиски интерес“, без да образложи.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира