15 УАПСЕНИ НА ПРОТЕСТИТЕ ВО ПОЛСКА ПО РЕЧИСИ ЦЕЛОСНАТА ЗАБРАНА НА АБОРТУСОТ

    15 УАПСЕНИ НА ПРОТЕСТИТЕ ВО ПОЛСКА ПО РЕЧИСИ ЦЕЛОСНАТА ЗАБРАНА НА АБОРТУСОТПолските закони за бременоста се едни од најстрогите во Европа, и поради тоа годишно околу 100 илјади жени се одлучуваат за абортус во други земји; - Полицијата вчера употреби солзавец врз демонстрантите. (Фото: Ројтерс)

    Најмалку 15 лица се уапсени на протестите во Полска, на кои полицијата употреби и солзавец, откако земјата речиси целосно го забрани абортусот. „Дојче веле“ пренесува дека полскиот Уставнен суд вчера одлучи дека абортусот поради дефект на фетусот е неуставен, со што ја забрани најчестата од неколку законски основи за прекинување на бременоста во оваа доминантно католичка земја.

    Кога пресудата ќе стапи во сила, абортусот во Полска ќе биде дозволен единствено во случај на силување, инцест или поради закана за здравјето и животот на мајката, што претходните години беа причина за околу 2 отсто легални прекинувања на бременоста во Полска.

    Според „Би-Би-Си“, полските закони за бременоста се едни од најстрогите во Европа, и поради тоа годишно околу 100 илјади жени се одлучуваат за абортус во други земји.

    По одлуката на судот, стотици граѓани се собраа пред Уставниот суд во Варшава, а помали протести имаше и во Краков, Лоѓ и во Шчечин.  Полицијата ги спречила демонстрантите да стигнат во куќата на вицепремиерот и претседател на владејачката Партија на законот и правдата (ПиС), Јарослав Качински. Имало и помали судири со безбедносните сили.

    Новинската агенција ПАП пренесе дека демонстрантите носеле транспаренти со натписи „Имате крв на наметката“ или „Законот треба да нѐ заштити“.

    Комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ, изјави дека тоа е „тажен ден за правата на жените“.

    „Укинувањето на основата за речиси сите законски абортуси во Полска претставува кршење на човековите права. Пресудата на Уставниот суд значи нелегални или абортуси во странство за оние кои можат да си го дозволат тоа и уште поголемо мачење за сите останати“, рече Мијатовиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира