Мандатот на претседателот на СДСМ Зоран Заев ќе заврши во мај, и новиот претседател ќе се избере во април-мај на конгрес на внатрепартиски избори, каде непосредно, секој член ќе може да гласа и директнто да одлучува кој и како ќе ја води партијата, најави Заев денеска по завршувањето на 25. конгрес на партијата.
На Конгресот се усвоени статутарни измени, според кои отсега партијата ќе има од два до четири потпретседатели.
„Воведуваме родова еднаквост меѓу мажите и жените, во сите тела на партијата. За првпат во историјата на партијата, Форумот на жени и СДММ се регулираат како трајни и статутарни форми на организирање. За првпат, СДСМ ќе добие и Форум на пензионери. Во Централниот одбор на партијата ќе има 50 отсто жени, 50 отсто мажи“, рече Заев.
Заев кажа дека на конгресот е одлучено партијата да се ребрендира, и отсега нејзина боја е црвената, како што рече, „бојата на социјалдемократијата, на победата, на левицата, бојата на слободата, бојата на животот, бојата на македонската иднина“.
„Црвената боја е итање кон модерноста и авангардноста на 21. век. Нашата сина боја, ружата и тупаницата се нашата гордост, показател на нашето минато за сѐ што сме постигнале. Даваме нова енергија, преку модерност и современост, која ѝ дава дополнителна европеизација на партијата. Црвената е боја на знамето, на татковината, на слободата, еднаквоста и солидарноста“, рече Заев по завршувањето на конгресот, кој за првпат се одржа во дигитална форма.
Б. НЕСТОРОСКА