ШИЛЕГОВ НА ОГЛАС ЌЕ БАРА ОБЈЕКТ ЗА ГРАДСКА КУЌА ОД 11 МИЛИОНИ ЕВРА ВО СТРОГИОТ ЦЕНТАР НА СКОПЈЕ

    ШИЛЕГОВ НА ОГЛАС ЌЕ БАРА ОБЈЕКТ ЗА ГРАДСКА КУЌА ОД 11 МИЛИОНИ ЕВРА ВО СТРОГИОТ ЦЕНТАР НА СКОПЈЕВо одлуката за купување Градска куќа стои дека објектот ќе се набави по пат на прибирање понуди со објава на јавен оглас за купување на недвижна ствар. Кога ќе се објави огласот, во одлуката не се наведува. (Фото: К. Попов)

    Град Скопје ќе распише оглас за купување Градска куќа. Според одлуката која денеска беше предложена на усвојување од Советот на Град Скопје, вкупната вредност на недвижниот објект треба да биде до 11 милиони евра со вклучен ДДВ. Објектот треба да биде во централното градско подрачје односно во Мал Ринг. Административниот простор за вработените да биде со површина од 4.000 до 9. 000 метри квадратни. Да има обезбеден пристап за луѓе и возила, паркинг простор со површина од приближно од 20 до 70 паркинг места, обезбедена инфраструктура, технички и санитарни услови, лифт, имотен лист или лист за предбележување.

    Во одлуката стои дека објектот ќе се набави по пат на прибирање понуди со објава на јавен оглас за купување на недвижна ствар. Кога ќе се објави огласот, во одлуката не се наведува.

    „Со децении Советот на Град Скопје, Градоначалникот и градската администрација се сместени во објект кој ни одблиску не ги задоволува основните потреби ниту на граѓаните ниту на градските органи и градската администрација. Со донесувањето на предложената одлука и спроведувањето на постапката ќе се набави објект со кој на траен начин ќе се реши прашањето на сместувањето на Советот на Град Скопје, Градоначалникот и градската администрација, а воедно ќе се обезбедат и подобри услови за понатамошното негово функционирање“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.

    Финансиските средства се обезбедени во буџетот на Град Скопје и се предлага да се исплаќаат до најмногу 24 еднакви рати.

    Градоначалникот Петре Шилегов лани во ноември, за 12.7 милиони евра ѝ ја продаде Градската куќа на кејот на реката Вардар под тврдината Кале на австриската компанија ЕВН. Одлуката за продажба на објектот кој почна да го гради неговиот претходник Коце Трајановски беше дека се наоѓа на несоодветна локација и нема да ги собере сите вработени во Градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира