Треба време, но сите ги добиваат решенијата за самоизолација. Бројката на заболени од ковид-19 е голема и не се стига сѐ во еден ден, вели директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, д-р Александар Стојанов, за реакциите на граѓаните дека доцнат решенијата за самоизолација од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) и дека имаат проблеми со регулирањата на отсуствата од работа.
„По пет дена откако добив позитивен тест на ковид-19 ми стигна решението од ДСЗИ , а епидемиологот ми се јави шестиот ден. На мое инсистирање посочив контакт да го тестираат затоа што нема финансии, но му рекле да си седи во изолација иако не чувствува ни мирис ни вкус и имаше дијареа. Решенијата за изолација од контактите што ги имав и по една недела никој ги нема добиено. А работодавците сите ги бараат, како и училиштата – затоа што и покрај негативен тест мора да седат дома. Само полицијата ме посети, тоа морам да признаам, ме изненади“, вели 36-годишна скопјанка.
Друга 34-годишна девојка од скопски Аеродром која има позитивен тест на ковид-19, брзо го добила решението за самоизолација, исто и сопругот и едногодишниот син кои се негативни, но од Центарот за јавно здравје била контактирана на деветтиот ден откако е дома во изолација, да ги каже контактите.
„Решенијата за лица позитивни на Сарс Ков 2 се изготвуваат во рок од 24 часа, од моментот кога ќе ги добиеме во списокот од Институтот за јавно здравје. Меѓутоа, доколку податоците кои се оставени при земање брис се некомплетни / неточни, истите не ги добиваат решенијата на посочените информации и тогаш се обраќаат на [email protected] и оставаат точни податоци, по што ги добиваат решенијата. Во однос на решенијата за контакти, решенијата од страна на ДСЗИ се изготвуваат по добивање на епидемиолошката анкета од Центарот за јавно здравје“, вели за САКАМДАМКДАЖАМ.МК, директорката на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова.
Доктор Стојанов вели дека имаат секакви ситуации, дека луѓето знаат и да згрешат по една бројка или буква, и после со многу труд треба да ги најдат вистинските контакти.
„Сѐ случува да доцнат да, но најважно е дека сите ги добиваат. Бројката расте секој ден, ако имаме 300, секој по 4 да каже, тоа се 1.200 луѓе да се најдат. Луѓето немаат проблеми со регулирања на отсуствата од работа или од училишта, затоа што од една страна или користат одмори, боледувања, или пак работодавците излегуваат во пресрет. Голем број од децата се дома, така што не е проблем за регулирања на отстуствата од часови“, вели директорот на скопскиот Центар за јавно здравје.
Од друга страна, епидемиолозите низ цела земја имаат мака со наоѓање на контактите. Жителите на Куманово, Липково и Старо Нагоричане откако ќе добијат позитивен тест за коронавирус не сакаат да ги откријат контактите за да ги заштитат од 14-дневна изолација и со тоа придонесуваат да се шири заразата, вели епидемиолог Јадранка Стаменковска од Куманово. Според неа, ако на почетокот на епидемијата од еден позитивен случај добивале од 10 до 15 контакти, сега таа бројка е сведена на два-три.
„Во последните два месеца имаме послабо откривање на контактите од страна на позитивните лица. Тие свесно избегнуваат изолација, бидејќи треба 14 дена да седат дома. Ни ги кажуваат само оние од најтесното семејство, додека останатите од поширокото опкружување не ги набројуваат. Така што, ние како Центар за јавно здравје сѐ потешко доаѓаме до контактите на заболените, освен кога тие ни се јавуваат сами. Позитивните најчесто ни тврдат дека самите се ставиле во изолација, меѓутоа фактичката состојба не е таква и затоа имаме неповолна епидемиолошка состојба, односно бројот на позитивни случаи во наредниот период ќе се зголемува. И граѓаните и институциите ја немаат потребната лична и општествена одговорност“, вели Стаменковска.
Б. НЕСТОРОСКА