Варијанта на новиот коронавирус што потекнува од Шпанија забрзано се проширила низ поголемиот дел од Европа летоска и на неа отпаѓа мнозинството нови случаи на ковид-19 во неколку држави, вклучувајќи 80% во Велика Британија.
Меѓународен тим научници кој го следи вирусот преку неговите генетски мутации вели дека луѓето кои се враќале од одмор во Шпанија имале клучна улога во неговото ширење низ Европа. Бидејќи секоја варијанта има свој генетски потпис, таа може да се следи сѐ до местото од каде што потекнала.
„Ширењето на новата варијанта 20А.ЕУ1 јасно покажува дека воведените мерки против коронавирусот не биле секогаш ефикасни во спречувањето на пренесувањето“, изјави Ема Ходкрофт од Универзитетот во Базел, автор на истражувањето што допрва ќе биде објавено.
Научните тимови од Швајцарија и Шпанија сега испитуваат дали оваа варијанта на коронавирусот е посмртоносна и позаразна од останатите.
„20А.ЕУ1 е различна од сите други верзии на сарс-ков-2, кој го предизвикува ковид-19. Досега не сме виделе варијанта со ваква динамика“, рече Ходкрофт.
Таа се појавила меѓу земјоделските работници во североисточна Шпанија во јуни и потоа брзо се проширила меѓу локалното население. Анализите на примероци на вирусот земени низ Европа во изминатите недели покажале дека тие ѝ припаѓаат токму на оваа варијанта, на која отпаѓаат голем број случаи на зараза во Шпанија (80%), Ирска (60%), Швајцарија и Франција (40%).