Последните измени на Законот за заштита на населението од заразни болести ги збунија струмичките земјоделци, кои се чудат дали зараи заштита од ковид-19 да носат маски или не кога одат или работат на нива на отворено. По Струмичкото поле, иако е крај на сезоната, има раздвиженост со трактори и запрежни коли пред сè поради подготовка на нивите за новиот раноградинарски турнус. Некои земјоделци носеа маски од страв, но најголемиот дел не бидејќи, како што кажаа, невозможно е да се ора, копа или извршува физичка работа на нива, а да се носи маска.
„Кажаа на телевизија дека на отворено треба секој да носи маска, но нема шанси. Не може да се ора, копа, врши берба, односно при физички труд да се носи маска, а камо ли со неа да се влезе под пластеник. Сметам дека е невозможно. Еве, ги спремам пластениците и како со маска да работам под нив, едноставно се гушам“, вели Иљо Белмезов, земјоделец од струмичко Просениково.
Носењето маски на отворено стана задолжително со последните измени на Законот за заштита од населението од заразни болести. Од Министерството за здравство појаснија дека земјоделците кои одат на нива или пак извршуваат земјоделски работи не треба да носат маски ако лицето е со членови на семејството. Ако, пак, има и други лица на земјоделската механизација или на нивата каде се работи, потребна е маска.
„Земјоделецот кога работи сам на поле или кога е сам во трактор и друга земјоделска машина не треба да носи маска. Маската е задолжителна кога е меѓу луѓе, односно има близок респираторен контакт со други лица“, велат од Министерството за здравство.
Во последните три дена, полицијата во Струмичкиот Регион евидентирала 50 лица од градот и населените местa како не ја почитувале Уредбата за носење на задолжителна заштита на лицето и на кои им се изречени глоби од по 20 евра.
В. ТРАЈКОВ