СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА ДОБИ САНИТЕТСКО ВОЗИЛО, ЗА АМБУЛАНТНИ ЌЕ ЧЕКА ДО ДЕКЕМВРИ

    СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА ДОБИ САНИТЕТСКО ВОЗИЛО, ЗА АМБУЛАНТНИ ЌЕ ЧЕКА ДО ДЕКЕМВРИСанитетско возило од Дирекцијата за заштита и спасување. (Фото: СДК.МК)

    Болницата во Струмица доби санитетско возило од Дирекцијата за заштита и спасување, откако викендов директорот Наќе Гогов побара донации за да набави ново за транспорт на ковид пациентите до скопските клиники. Станува збор за половно возило, кое треба да ја ублажи состојбата со возниот парк на болницата сè до пристигнувањето на најавените амбулантни возила од Министерството за здравство.

    Струмичката болница по августовската сообраќајка пред Штип во која настрада едно нивно возило, остана само со две функционални. И тогаш директорот Гогов реагираше на амортизираниот возен парк и потребата да се обезбедат средства за набавка на ново, поради одалеченоста од Скопје. Оттогаш, едното го користеа за транспорт на обични пациенти до скопските клиники, додека другото за транспорт на ковид  болните чија здравствена состојба на Инфективното одделение во Струмица станува критична. По потреба за транспорт се ангажираа возила и од Брзата помош.

    „До крајот на декември треба да пристигнат две нови амбуланти возила од Министерството за здравство. Денес добивме едно старо возило од Агенцијата за заштита и спасување кое ќе ни послужи во овој период, барем малку да ја ублажиме кризата со возила за транспрот на пациентите со тешка клиничка слика до Инфективната клиника во Скопје или дo болницата ‘8 Септември’“, кажа директорот Гогов.

    Немањето амбулантно возило во Струмица го отвори прашањето со застарениот и амортизиран возен парк по здравствените установи во земајва. Центарот за граѓански комуникации од Скопје, во последното свое истражување лани констатираше дека во земјава амбулантите возилата во просек се стари по 11 години. Според нивната датабаза, во земјава има 183 амбуланти возила за 47 здравствени установи. Во меѓувреме, во последните три години биле набавени 2.645 службени возила за фунцкионери и раководители на админстрацијата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира