Директорката на Центарот за јавно здравје во Штип Марија Димитрова од денеска не е на работа оти е позитивна на ковид-19, потврдија од Општинскиот кризен штаб. Димитрова, која е познат штипски епидемиолог, е во домашен карантин, а од денеска во самоизолација се и членови на нејзиното потесно семејство. Штипскиот Центар за јавно здравје е од регионален карактер и врши испитувања за ковид-19 за повеќе општини.
„Раководителката извесно време ќе паузира затоа што е малку болна“, рекоа вработени во Центарот и додадоа дека во сите нивни служби се применуваат строги протоколи против ковид-19 и никој од вработените не е во изолација туку имаат насоки да ја следат здравствената состојба.
Во рамките на овој Центар работи и Регионалниот пункт за ковид-19, каде во овој период секојдневно се вршат педесетина испитувања на пациенти. Епидемиолошката служба од оваа година се пополни со нови стручни кадри, од кои некои како врвни и единствени епидемиолози вршат предавања и обуки и на студентите на Медицинскиот факултет во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ