Џо Бајден рече дека не е спремен да прогласи победа, додека продолжува пребројувањето на гласовите на претседателските избори во САД, но рече дека „Кога пребројувањето ќе заврши, веруваме дека ние ќе бидеме победниците“.
„Секој глас мора да биде преброен. Ние, народот, нема да бидеме замолчени“, рече Бајден.
Бајден досега има 248 електорски гласови, додека Доналд Трамп има 214, а за победа требаат 270.
Бајден им се обрати на новинарите од Вилмингтон, Делавер, заедно со кандидатката за потпретседателка Камала Харис. Тој се обиде и да звучи како избран претседател и вети дека ќе им пружи рака на политичките противници, инсистирајќи дека претседателството „само по себе не е институција за поделби“.
Бајден не одговараше на прашања. Претходно, кампањата на актуелниот претседател Трамп поднесе тужби во Пенсилванија и Мичиген за да се сопре пребројувањето на гласовите, иако во обете држави продолжува пребројувањето.