ЗА ДВА-ТРИ ДЕНА ЌЕ ГО ОБЈАВИМЕ КОНКУРСОТ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ КАЈ ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“, ВЕЛИ БОГДАНОВИЌ

    ЗА ДВА-ТРИ ДЕНА ЌЕ ГО ОБЈАВИМЕ КОНКУРСОТ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ КАЈ ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“, ВЕЛИ БОГДАНОВИЌКонкурсот следува откако со новиот план „Буњаковец 2“ , кој во моментов се прави во рамките на мораториумот, а во кој влегува и просторот на фабриката, се превидуваат нови згради во центарот на Скопје.(Фото: К. Попов)

    Конкурсот за уредување на просторот кај фабриката „Треска“ во Скопје ќе биде објавен до крајот на оваа недела. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели сè е подготвено за објавување на конкурсот, само чекаат да бидат доставени ажурирани податоци од геодетската фирма.

    „За два-три дена ќе биде објавен конкурсот за тоа што да се гради на просторот кај фабриката ‘Треска‘. Формирана е комисија која го подготви конкурсот и жири комисија за оценување на пристигнатите решенија. Во комисиите има претставници на стручната фела, на сопствениците на земјиштето и од невладиниот сектор“, вели градоначаникот Богдановиќ.

    Во комисијата за спроведување на конкурсот се Мирко Андоновски од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професорката од Архитектонскиот факултет Дивна Пенчиќ, Оливар Бојковски претставник на сопствениците, Снежана Митовска од Град Скопје и Биљана Насковиќ од Општина Центар.

    Комисијата која ќе ги оценува пристигнатите решенија е составена од професорката Јасмина Силјановска од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професор Михајло Зиновски од Архитектонскиот факултет, Миодраг Радоњиќ-Бато од Архитектонската академија на ААМ, Ивана Драгшиќ, претставничка на невладиниот сектор,  Предраг Виќентиевиќ, претставник на сопствениците, Жаклина Ангеловска од Комората на овластени архитекти, Марјан Иванов од Градежната комора, Наташа Тодоровска-Пренк од Општина Центар и Виктор Михајлов од Град Скопје.

    Во јануари годинава, професори, архитекти членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти, како и граѓанските здруженија „Здравје пред профит во Центар“, „О2 коалиција“ и „Транспарентност Македонија“, поднесоа иницијатива до Општина Центар за распишување Архитектонски урбанистички конкурс за локацијата на фабриката „Треска“. Ваквото нивно барање дојде откако во јавноста почна да се зборува дека со новиот план „Буњаковец 2“ , кој во моментов се прави во рамките на мораториумот, а во кој влегува и просторот на фабриката, се превидуваат нови згради во центарот на градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира