ГЕРМАНСКИ НАУЧНИЦИ СО ПОТЕКЛО ОД ТУРСКИ ЕМИГРАНТИ ЈА РАЗВИЈА ПРВАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19

    ГЕРМАНСКИ НАУЧНИЦИ СО ПОТЕКЛО ОД ТУРСКИ ЕМИГРАНТИ ЈА РАЗВИЈА ПРВАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19Угур Шахин и Озлем Туречи се специјалисти за имунотерапија кои досега се фокусирале на пациенти болни од рак (Фото: БиоНТек)

    Германски сопружници со турско потекло избија во прв план во светската трка за развој на вакцина против ковид-19.

    Угур Шахин (55) е извршен директор на германската биотехнолошка компанија „БиоНТек“, што ја основал заедно со сопругата и член на управниот одбор Озлем Туречи (53) и со својот поранешен професор Кристоф Хубер, австриски експерт за рак.

    „БиоНТек“ и американскиот партнер „Фајзер“ пред два дена објавија дека нивната експериментална вакцина обезбедува 90-процентна заштита од ковид-19, според раните податоци од третата фаза на тестирањето. Таа е една од 11-те вакцини низ светот кои се во завршна фаза од тестирањето и светот никогаш досега не видел вака брз развој на вакцина, за што обично се потребни седум-осум години. Шахин и Туречи го нарекоа својот проект „Светлосна брзина“.

    „БиоНТек“ денес има вредност од 21 милијарда долари (Фото: АФП)

    Вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“ користи целосно експериментален пристап: вбризгување на дел од генетскиот код на вирусот, односно ДНК, со цел да го тренира имунолошкиот систем, кој потоа произведува антитела и активира Т-клетки за да ги уништи заразените клетки. Потребни се две дози, примени со три недели растојание. Овие две компании имаа добра стартна позиција во трката за вакцина против ковид-19, бидејќи во 2018 година развија вакцина против грип што се базира врз ДНК.

    Шахин и Туречи се специјалисти за имунотерапија кои досега се фокусирале на пациенти болни од рак. Двајцата се деца на турски имигранти: Шахин дошол во Германија на четири години и студирал медицина на Универзитетот во Келн, додека Туречи пораснала покрај татко лекар. Тие се венчаа во 2002 година.

    Тие ја основале „БиоНТек“ во 2008 во Мајнц и таа денес има вредност од 21 милијарда долари, а Шахин е меѓу десетте најбогати луѓе во Германија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира