Второто полугодие за сите ученици ќе почне на 21 јануари, согласно календарот на Бирото за развој на образоавнието, рече денеска во Битола министерката за образование и наука Мила Царовска.
„Зимскиот распуст за учениците ќе почне согласно календарот објавен од Бирото за развој на образованието и ќе се реализира исто како и минатите години, односно во јануари. До 20 ноември ќе заврши првото тромесечие и ќе се формираат оценки, а до крајот на годината ќе заврши второто тромесечие. Второто полугодие за сите ученици ќе почне на 21 јануари“, кажа Царовска.
Министерката денес заедно со градоначалничката на Битола Наташа Петровска го посетија Основното училиште „Таки Даскало“. Изминатиов период се реконструираа кровови на три школи, инвестиција во вредност од 16 милиони денари, обезбедена од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН).
„Инвестирањето во образованието е инвестиција за иднината, за целокупниот општествен развој. Полека, но сигурно обезбедуваме услови за непречено одвивање на наставата на учениците. Се надевам дека во скоро време, повторно ќе се слушне училишното звонче и вревата на учениците. Тоа сите го посакуваме, но во овој период мораме да бидеме свесни за опасностите од ковид-19. Засега, останува одлуката за учење на далечина за учениците од погорните класови и наставата со физичко присуство за најмалите ученици“, кажа министерката.
Б. НЕСТОРОСКА