НЕМА ВРЕМЕ ВО ТЕКОТ НА ДЕНОТ ДА СЕ ПОГРЕБААТ СИТЕ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 И ОД ДРУГИ БОЛЕСТИ ВО ОХРИД

    НЕМА ВРЕМЕ ВО ТЕКОТ НА ДЕНОТ ДА СЕ ПОГРЕБААТ СИТЕ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 И ОД ДРУГИ БОЛЕСТИ ВО ОХРИДОд погребалното претпријатие велат дека бројот на починати од ковид-19 само го зголемува невообичаено големиот број починати од други болести во оваа сезона во градот. (Фото: СДК.МК)

    Во последниве 10 дена во Охрид од коронавирус починаа 12 болни, a вчера во Охридската болница од ковид-19 починаа четворица, најмладата на 34 години. Од погребалното претпријатие велат дека бројот на починати од ковид-19 само го зголемува невообичаено големиот број починати од други болести во оваа сезона во градот.

    Директорот на погребалното претпријатие „Мирен сон“ Денис Шибакоски вели дека нема време во текот на денот да се организираат сите погреби, па семејствата на починатите чекаат и по еден ден за погреб.

    Денеска на градските гробишта ќе се погребаат осум починати, за останатите двајца терминот е утре.

    „Имаме голем број вработени и успеваме да постигнеме, но денот е краток и нема можност понекогаш да се погребаат сите па ги закажуваме за следниот ден“, вели Шибакоски.

    За да се направат повеќе погреби излагањето на телото е скратено на половина час, а целата церемонија трае еден час. Погребот се одвива без пеење во црква, излагањето на телото е надвор, не во капела, а погребот е само во кругот на најблиските.

    „На почетокот имаше негодувања, но сега луѓето имаат прифатено и почитуваат. Имавме апели да не доаѓаат за да биде што помал ризикот од ширење на заразата. Сега намалена е бројката, стравот си го направи своето“, вели Шибакоски.

    Вработените во ова погребално претпријатие секојдневно се соочени со ризикот од зараза, но немаат време да размислуваат за тоа. Со водоотпорни скафандери, антибактериски чизми, штитници за раце, визири, престилки, маски и неколку пара ракавици, се борат со времето бидејќи, како што велат, бројот на починати е сè поголем, а денот сè пократок.

    „Обука имаме за погреб на починати од ковид-19, користиме врвна опрема и средства за дезинфекција во големи количини. Она што е специфично во овој период, е тоа што применуваме онлајн организација на погреб со семејства кои се заразени така што избегнуваме контакт, а со тоа спречуваме ширење на заразата“, велат од „Мирен сон“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира