Продукцијата на македонскиот документарец „Медена земја“, кој во февруари годинава имаше историски две номинации за Оскар, вели дека сите досега собрани средства преку Здружението на граѓани „Бекирлија“ одеднаш ќе им бидат бидат префрлени на протагонистите Атиџе Муратова и семејството Сем, наместо да се најде правно решение тие да добиваат месечни надоместоци, а притоа да не биде загрозена социјалната помош што веќе ја примаат. Исто така, Здружението, како и страницата за донации, ќе бидат затворени.
На отворената сметка на Зружението на граѓани „Бекирлија“ собрани се средства, а меѓу другото, со свои издвоени средства учествуваа и Владата, како и Советот на Град Скопје, но, велат од продукцијата, како дополнителен проблем се јави и социјалната помош, која протагонистите ја земаат редовно.
„Доколку им беа исплатени други средства, тогаш, по автоматизам, социјалната помош ќе им беше укината. Затоа, од институциите чекавме да биде изработен модел за месечно исплаќање на конкретна сума, без да ја изгубат постојната социјалната помош. Со цел да не се доведува јавноста во заблуда на каков било начин, одлучивме сите досега собрани средства одеднаш да бидат префрлени на протагонистите, наместо да се најде правно решение тие да добиваат месечни надоместоци, а притоа да не биде загрозена социјалната помош што веќе ја примаат“, вели тимот.
Образложението на тимот во кој се продуцентот Атанас Георгиев и режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, следи по разните апели за собирање пари за хероината на филмот Атиџе Муратова во дел од медиумите изминативе денови. Екипата вели дека јавноста и публиката беа неточно информирани, а притоа беа „осквернавени документаристите, протагонистите, успехот на филмот и неговата голема хуманистичка идеја“.
Тие велат дека го основале Здружението на граѓани „Бекирлија“, иако свесно го прекршиле документаристичкиот филмски кодекс кој советува дека филмските работници не треба да ги следат, соработуваат, помагаат или на каков било начин да интервенираат во животот на протагонистите.
„Правилата ги прекршивме со добра намера и притоа ангажиравме тим од правни и социјални работници кои нѐ советуваа како да ја реализираме помошта за Атиџе Муратова и семејството Сем. На Атиџе, по нејзина желба, ѝ беше купена куќа, која дополнително беше комплетно опремена (ентериер, бања, покуќнина, кревет, машини за домаќинство итн.) Обезбедени беа преку сто пакети со храна и лекови и приватни лекарски прегледи. Секоја зима беа обезбедени дрва за огрев. Се погриживме и за нејзините патувања на фестивалите во светот: Нион (Швајцарија), Сараево (БиХ), Ајвалик (Турција), Њујорк и Холивуд (САД), на кои, покрај билетите за превоз, беа обезбедени и сместување и личен асистент“, стои меѓу другото во нивната реакција.
Семејството Сем добило возило, неколкупати се правеле интервенции во куќата, со цел да им се обезбедат услови за зима; купена е покуќнина, постојано им биле праќани лекови и големо количество храна, со што ова семејство би ги задоволило условите за прехранување на подолги периоди. Дополнително бил обезбеден и компјутер, за децата непречено да ја следат онлајн наставата оваа учебна година.
Од екипата потенцираат дека Атиџе Муратова, за нејзиното учество во документарниот филм, има потпишано документ, со кој им дава право да го користат нејзиниот лик и дело во филм.
„Во документаристиката постои принцип да не им се плаќа хонорар на протагонистите, ниту да се интервенира во нивните животи. Но, ние, сочувствувајќи со нив, сепак одлучивме да им помогнеме. Горенаведените донации и активности се доказ дека тие не само што не беа заборавени од екипата туку, напротив, им беше дадена несебична помош“, вели филмската екипа, додавајќи дека не заработила од милионските суми, кои беа презентирани во некои медиуми.
„Тие пари завршуваат кај дистрибутерите кои вложија финансии во кампањите за промоција на филмот. Всушност, кампањата за Оскар чинеше повеќе од вкупната презентирана сума“, вели тимот на „Медена земја“.
Б. НЕСТОРОСКА