Некогашното излетничко место Спортско-рекреативен центар (СРЦ) „Сарај“ во Скопје повторно е полно со посетители, особено за време на викендите. Но, сегашната слика не е истата како пред четириесетина години, кога во паркот вриело од народ поради големиот број спортско-рекреативни и забавни содржини кои ги имало. Зеленилото во паркот се одржува, но рекреативните содржини и објекти кои го правеле целосен овој комплекс се заборавени и пропаѓаат.
СРЦ „Сарај“, кој се наоѓа меѓу реките Вардар и Треска, беше најпознат по големиот олимписки базен со скокалница, како и по спортските терени за фудбал, кошарка, ракомет и одбојка. Веќе со години, ниту базенот ниту терените не се во функција. Базенот е целосно распаднат, обраснат со треви и запуштен. Терените за кошарка и ракомет се без кошеви и голови односно останат е еден рѓосан кош со искината мрежа. Единствено во функција е фудбалскиот терен околу кој имало атлетска патека за трчање, која пак сега едвај се гледа.
Паркот го одржува ЈП „Паркови и зеленило“, редовно се коси зеленилото, се чисти ѓубрето, а како што велат од претпријатието изминативе три години поставиле нови рекреативни содржини за тој да биде привлечен за посетители.
„До пред три години кога Градот доби нови раководство, овој парк не беше одржуван, беше затрупан со ѓубре и обраснат со треви. Ние изминативи три години, покрај тоа што редовно го одржуваме и чистиме, поставивме и два нови летниковци, дрвени клупи и маси, корпи за отпадоци, ги офарбавме и поправивме железните клупи и поставивме комплетно ново осветлување. Изграден е и парк за миленици, а засадени се и околу 350 нови садници“, вели директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.
Од Град Скопје велат дека содржините во СРЦ „Сарај“ како што е базенот, не се под нивна надлежност туку на државата, но дополнуваат дека ќе го актуализираат прашањето за целосно уредување на овој простор и враќање во функција на содржините кои сега се заборавени и оставени да пропаѓаат.
СРЦ „Сарај“ е едно од најстарите излетнички места во Скопје, со површина од 240.000 метри квадратни. Според податоците од ЈП „Паркови и зеленило“, изграден е во 1948 кога бил предвиден и со урбанистичкиот план како регион Сарај-Матка, исполнет со базени, фудбалски игралишта, трибини и патеки. Подоцна, регионот Сарај-Матка прераснува во центар за спорт и рекреација со терени за спорт покрај реката Вардар и езерото Треска. Во 1955, урбанистичкиот план е ревидиран и е изграден базенот, фудбалските игралишта и другите објекти за рекреација. Во 1964 е направен нов урбанистички план, со кој биле испланирани јавното зеленило и спортско-рекреативните реони. Додека во 1971, од „Паркови и зеленило“ е направен проект за Спортски центар „Сарај“, со кој се дефинирани градското и вонградското зеленило, со паркови, плоштади и други зелени површини по бодовите на Скопје – вонградското зеленило, како и зеленилото за активна и пасивна рекреација.
А. АНТЕВСКА