Македонскиот театар не го изгуби еден од најголемите вљубеници Благој Стефановски-Баге на 3 декември, на денот на неговата смрт, туку пред повеќе од десетина години кога му беше пресечена папочната врвца со матичната куќа на која ѝ го посвети животот, Народниот театар од Битола. Од политички причини, како што напиша театарската режисерка Зоја Бузалковска, или поради нишанот низ кој со години се гледаат луѓето од театарската фамилија, истакна режисерот Ацо Поповски, или поради успехот кој не можеа да му го простат, рече актерката Јоана Поповска.
Благој Стефановски (1953-2020), поранешен министер за култура, запаметен по тоа што најдолго остана на чело на Народниот театар од Битола, цели 22 години, кои беа златното доба по успесите и меѓународните гостувања, селектор и учесник на многу меѓународни фестивали, почина на 3 декември на 67-годишна возраст. Социјалните мрежи се преплавија со објави и сочувство, но малкумина останаа крај него кога му беше најтешко, пред тринаесетина години. Му заврши министерскиот мандат во владата на Бранко Црвенковски, а кога се врати во Битола се судри со новата локална власт на чело со Владимир Талески, негов поранешен колега, како и со тогашното раководство на Театарот кое сакаше да прави опера, а за тоа не беше оформена инстуитуација, туку здружение на граѓани. Имаше и обиди да се прикаже дека Битолскиот театар постои од пред 1944 година, со цел да се избегне поврзаноста на почетоците со таткото и стрикото на Баге.
Меѓу малкумината театарски работници кои тогаш застанаа во одбрана на Баге беше и Јоана Поповска, доајенка на македонското глумиште.
„Додека беше директор, најголемите директори и режисери од цела Европа направија тука претстави со кои пропатувавме низ светот. Тоа треба да биде чест за овој театар. Но сепак, бевме однесени од виорот. Баге кога се врати од министер и помина таа апанажа од една година, никој не му рече ‘Повели дојди, да ја продолжиш својата работа кај нас, ако не тоа дојди да ни бидеш барем советник да испиеме едно кафе заедно, па нека директорува друг’. Дури пред некој година, младите што дојдоа го поканија да биде во Управниот одбор, да му направат чест“, вели таа.
Стефановски го оформи Мал драмски театар. Поради неможноста да обезбеди услови за работа дома, влезе во копродукции со странски театри. Освоија многу награди, посебно со претставата „Столици“ на Јоана Поповска, во која и Баге како актер застана на сцена.
„Во Никшиќ ме прогласија за Актер на годината. Баге играше со мене на сцена, тоа беа можеби едни од најубавите моменти, за пет дена ја подготвивме претставата откако се разболе колегата. Му велев немој да се грижиш, јас 50 пати ја одиграв перетставата, тој ја гледаше 50 пати, всушност тој ја правеше, тој живееше со таа претстава“, раскажува Поповска.
Во најблиското јато на соработници на Стефановски е и доајенот на битолското глумиште Борис Чоревски. Во 1975 заедно беа вработени како актери во Битолскиот театар.
„Јас, Ѓако (Сребре Ѓаковски) и Баге тогаш бевме првите што дојдовме со академија. Од 1979 имаше в. д. директори, бајаги се сменија, требаше да се промени нешто, па рековме Баге да биде директор. Така го почна директорлакот. Како менаџер беше многу успешен. По неговото назначување, театарот почна да оди по нагорна линија. Посебно со ‘Свадбата на Мара’. Имавме многу патувања. Воспоставиме соработки со рускиот театар „’Вера Комесаржевскаја“ од Санкт Петербург, со бугарските театри, имаше мноу гостувања во Америка, Австралија, Канада, Германија. Се пропатува целиот свет додека беше Баге директор“, вели Чоре.
Режисерот Ацо Поповски во објавата на Фејсбук во која се збогува со Баге раскажува дека како министер се појавил на проба на негова претстава во Битолскиот театар. Прво што направил ставил кофа на место кое знаел дека капе од кровот. Го знаел секој агол во театарот. Еден ден снемало струја, а актерите рекле „нема шанса Баге да дозволи да се откаже претстава“.
„Таков фанатизам не сум сретнал, а како одат годините не сум сигурен и дека ќе сретнам. Не те сочувавме. Не научивме да се чуваме како семејство. Не само твоето семејство. Нашето семејство. Ти си на некој начин симбол на таа наша тага и срамота. Со години се делиме и се гледаме преку нишан. Ние децата од театарската фамилија. Тажно и срамотно“, напиша Поповски.
Режисерката и професорка Зоја Бузалковска исто така се присетува дека Баге не го држеше место да не дојде макар на пет минути пред почетокот на секоја претстава, да види дали има публика, да види дали е сè подготвено за почеток. Потоа, на крајот повторно ќе се појавеше, да разбере што публиката мисли, како ја прифатила претставата. Просто, не можеше да седи дома додека нешто се случува во театарот. Им раскажувала на помладите генерации колку бил силен пример за тоа како се гине за театар.
„Кога го сретнав за последен пат на ‘Ристо Шишков’ во Струмица пред две години, ме поздрави со отсутна благост и срдечност, во која се наѕираше стариот добар Баге, но и со огромна горчина во очите. Не можам да се помирам што еден Баге си замина со таква и толкава горчина во очите “, напиша Бузалковска.
Од Битолскиот театар за деновиве подготвуваат комеморација достојна за делото на Стефановски. Велат дека им стигнуваат проштални писма од многу реномирани фестивали и творци во регионот, секаде каде што театарот под негово водство стапнал и ја ширел македонската култура.
Ж. ЗДРАВКОВСКА