КОМЕРЦИЈАЛНИТЕ ВАКЦИНИ ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП СЕ ТРОШАТ ЗА НЕКОЛКУ ЧАСА ВО ВЕЛЕС И КУМАНОВО

    КОМЕРЦИЈАЛНИТЕ ВАКЦИНИ ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП СЕ ТРОШАТ ЗА НЕКОЛКУ ЧАСА ВО ВЕЛЕС И КУМАНОВОВелес доби 400 вакцини против сезонски грип засега, останатите се за другите центри. (Фото: СДК.МК)

    Голем интерес има за комерцијалната вакцина против сезонски грип во Велес и во Куманово, откако деновиве стигна најавената дополнителна пратка. Кога почна вакцинацијата на 10 ноември, во Скопје за неколку часа се потрошија сите најавени 2.000 дози, и оттогаш здравствените установи ја чекаа најавената дополнителна доза.

    Иако без најава, за само четири часа, 160 велешани се вакцинираа со комерцијална вакцина за сезонски грип. Таа се добива во Центарот за јавно здравје Велес. Вакцината е дистрибуирана и во градовите од Повардарјето, Кавадарци, Неготино, Гевгелија но и во Свети Николе, кои се под надлежност на оваа здравствена институција.

    „Велес доби 400 вакцини против сезонски грип засега, останатите се за другите центри. Цената е 800 денари и може да ја примат граѓани кои што ќе изразат желба или имаа потреба. За разлика од таа што е бесплатна која е француска, оваа е холандско производство“, изјави епидемиологот д-р Билјана Трајкова од Центарот за јавно здравје Велес. Вакцинацијата се извршува во терминот од 8 до 14 часот, сѐ додека има нејзини резерви.

    500 комерцијални вакцини против сезонски грип стигнаа во Центарот за јавно здравје во Куманово. Само во текот на денешниот ден се вакцинирале над 150 граѓани.

    И оваа година се работи за 4-валентна вакцина набавена од Холандија. Комерцијалната вакцина е намената за оние граѓани коишто не беа опфатени со бесплатната вакцинација за сезонски грип, која преку Мој термин ја обезбеди Министерството за здравство.

    „Иако вакцината задоцни, сепак има голем интерес кај граѓаните. Се вакцинира главно помладa популација на луѓе кои имаат здравствени проблеми или кај оние што постои ризик да се заразат, затоа што имаат контакт со многу луѓе. Тука се пред се вработени во администрацијата, маркет и други услужни дејности“, вели епидемиологот д-р Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово.

    Цената на комерцијалната вакцина е 800 денари, повисока во однос на минатата година затоа што набавната цена била зголемена. Вакцинацијата ќе трае додека има вакцина.

    Куманово требаше да добие 3.000 бесплатни вакцини за хронично болните и старите лица над 65 години, а стигнаа само 700 кои се потрошени. Дневно се вакцинираа по триесетина лица, што предизвика револт кај матичните лекари, бидејќи не можеа да дојдат до термин за своите пациенти. Дополнителните количини од бесплатната вакцина се очекува да стигне во текот на неделата кога ќе се пуштат нови термини за имунизација.

    П. ПЕЧКОВ/С. НИКОЛИЌ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира