СМЕШНО Е ЛИДЕРИТЕ ДА СЕ СОБЕРАТ И СВЕЧЕНО ДА ПОТПИШАТ ДЕКА СМЕ МАКЕДОНЦИ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ВО РЕДОВНОТО ГОДИШНО ОБРАЌАЊЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ

    СМЕШНО Е ЛИДЕРИТЕ ДА СЕ СОБЕРАТ И СВЕЧЕНО ДА ПОТПИШАТ ДЕКА СМЕ МАКЕДОНЦИ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ВО РЕДОВНОТО ГОДИШНО ОБРАЌАЊЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕПретседателот посвети најголем дел од обраќањето на пандемијата со коронавирус. (Фото: К. Попов)

    За претседателот Стево Пендаровски е смешно во 2020 година да се соберат лидерите на политичките партии да потпишат свечено дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, зборувајќи за барањата за лидерска средба или посебна парламентарна седница за да се утврдат нашите црвени линии во разговорите со Софија.

    „За мене е несериозно да се соберат сите претседатели на политички партии и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. Нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944 година со државотворните акти на првото заседание на АСНОМ. Зборувам од мое лично искуство, во целокупниот политички врв, и власта и опозицијата, не познавам ниту еден кој ќе тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам ова прашање да го тргнеме од дневнополитичката агенда и веќе да не губиме енергија на тоа“, кажа Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.

    Претседателот посвети најголем дел од обраќањето на пандемијата со коронавирус и најави дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата за прецизирање на законите за воена и вонредна состојба со цел да се додефинира правната рамка за функционирањето на кризниот менаџмент.

    Понатаму, тој кажа дека сигурно нè очекува и нов бран кампањи за обесхрабрување на луѓето да се вакцинираат преку ширење теории на заговор.

    „Не смееме да дозволиме за вакви сериозни прашања да доминираат полуписмени шарлатани и надрилекари“, кажа Пендаровски.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на обраќањето на Пендаровски застанаа со транспаренти пред говорницата, а потоа си заминаа од салата.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира