Бидејќи нема откуп, но поради и ниските понудени цени од трговците и преработувачите, црвената пиперка – ајварка во струмичко почна да скапува по нивите. Цели површини со ајварка гнијат чекајќи да се обезбеди пласман. Земјоделците тврдат дека поради високите температури родот почнал нагло да зрее, а по цена од 10 до 12 денари кило не се исплаќа да се собере од нивите.
„Ќе остане во нивата, што да му правам. Секој ден одам, прашувам, го нудам на окупувачите но решение нема. Ми велат дојди утре, дојди задутре, а родот на нивата почна да скапува. Бараат екстра класа, за што нудат едвај 12 денари, а за пиперките со послаб квалитет нудат 3 денари за кило“ вели Миле Костадинов од струмичко Зубово.
Земјоделските здруженија, кои минатата недела најавија протести, тврдат дека на пазарот почнало да се чуствува раздвижување, но не до тој степен да се собере целиот род од нивите. Сметаат дека дел од годинашново производство ќе остане по нивите, бидејки земјоделците се демотивирани да го предаваат родот по сегашните цени.Тие побараа да интервенира Владата.
„Мрдна продажбата, но не доволно. Годинава површините се двојно зголемени од лани. А проблем прави и топлото време. Ако навреме не се собере родот, тој почнува да гние. Треба Владата да најде начин да интервенира“, велат од земјоделските здруженија.
Трговците велат дека пазарите од поранешните ју простори, каде досега најмногу се пласираше струмичката ајварка, се презаситени и нема извоз. Нивните очекувања се дека во октомври можно е да се зголеми интересот за македонската црвена пиперка.