И држави надвор од Европа почнаа да воведуваат забрани за авионски летови од Велика Британија, откако таму беше откриена мутација на коронавирусот, за која министерот за здравство Мет Хенкок кажа дека е надвор од контрола.
Летовите ги суспендираа и Канада, Хонгконг, Аргентина и Чиле, додека Франција на полноќ целосно ја затвори границата со Британија на 48 часа, што значи дека камионите и траектите не можат да тргаат од пристаништето на Довер. Ова предизвика огромни редици од камиони во Кент, за што подоцна ќе заседава вонредниот комитет на британската влада. И лидерите на Европска Унија најавија состанок за да го искоординираат својот одговор на новата ситуација.
Холандија беше првата земја која ги забрани летовите од Британија, по што со идентична мерка ја следеа и Белгија, Италија, Ирска, Германија, Данска, Австрија, Швајцарија, Турција, Бугарија, Хрватска, Романија и Македонија. Кон оваа група се придружија и низа неевропски земји, како Иран, Саудиска Арабија, Кувајт, Мароко и Израел, што ја става Велика Британија во сѐ поголема изолација.
Новиот сој на коронавирусот првпат беше идентификуван во септември и во ноември, на него отпаѓала една четвртина од сите нови случаи во Лондон. До средина на овој месец, ова се искачи на две третини.
Иако се шири побрзо од оригиналниот вирус, засега нема докази дека предизвикува поголема смртност или дека поинаку реагира на вакцините.