БУГАРИЈА ИСПИТУВА МОЖНОСТИ КАКО ДА ДОНИРА ВАКЦИНИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ОТКАКО ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДАТ НИВНИТЕ ПОТРЕБИ

    БУГАРИЈА ИСПИТУВА МОЖНОСТИ КАКО ДА ДОНИРА ВАКЦИНИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ОТКАКО ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДАТ НИВНИТЕ ПОТРЕБИМинистерот за здравство Венко Филипче на седница на бугарската влада. (Фото: Фејсбук/Венко Филипче)

    Бугарската влада донесе одлука да ги проучи можностите да осигура вакцини против ковид-19 за граѓаните на Северна Македонија, соопштија денеска од бугарската влада. Оттаму велат дека тоа ќе биде можно откако ќе се обезбедат бугарските потреби со запазување на процедурите и условите од прелиминарните договори, склучени меѓу Европската комисија и производителите на вакцините.

    „Кога ќе можеме и по склучувањето на меѓународните договори, ќе вложиме сили за соработка и координација во борбата со ковид-19, вклучувајќи и испитување на можностите за обезбедување на вакцини против ковид-19 за граѓаните на Северна Македонија“, се вели во соопштението на бугарската влада.

    Македонскиот министер за здравство Венко Филипче денеска престојува во Софија на покана на бугарската влада и по владината седница тој потпиша писмо за намери меѓу министерствата за здравство на Бугарија и Северна Македонија со бугарскиот колега Костадин Ангелов.

    Според потпишаното, двете земји се согласиле дека во сложената во моментов епидемиолошка состојба, предизвикана од ковид-19, заштитата на здравјето на луѓето е од првостепена важност  за секоја држава.

    Филипче утринава на својот Фејсбук профил напиша дека Република Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја и дека бугарската влада одлучила во нашата земја вакцини против ковид-19 да стигнуваат во исто време, како и во останатите земји членки на Европската Унија.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира