Општинскиот штаб за заштита и спасување (ОШЗС) во Куманово ги повика гастарбејтерите кои се дојдени на одмор и оние што допрва ќе пристигнат за новогодишните и божиќни празници да ги почитуваат мерките и да се придржуваат до препораките за заштита од коронавирус.
„ОШЗС апелира на сите граѓани во Општина Куманово, особено на нашите сограѓани кои доаѓаат надвор од границите на земјата, да ги почитуваат новите мерки и препораки за заштита и превенција од ковид-19, донесени од страна на Владата. Секој граѓанин мора да носи лична заштитна опрема на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица. Исто така, да се почитува забраната за собирања во групи на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор во текот на целиот ден“, соопшти Кризниот штаб.
Министерството за здравство денеска соопшти дека во изминатото деноноќие во Куманово од коронавирус се починати двајца на 87 и 52 години, 43 се новозаразени и 51 оздравен. Досега се заразени 4.511 лица, а активни се 565.
С. НИКОЛИЌ