Пандемијата со ковид-19 годинава ги спречи холандските хуманитарци, брачниот пар Кес и Јохана Барс, да ја посетат Преспа, но тие не испуштија да ја испратат нивната 29. хуманитарна пратка за Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања во Отешево, Преспа. Овој брачен пар е вљубеник во Преспанскиот крај и пред триесет години ја основа фондацијата „Воздух за Преспа“, па редовно секоја година доаѓаат во Македонија и носат и хуманитарна помош во вредност од 10.000 евра за болницата.
Годинава, помошта пристигна без нив и ја подигна нивната семејна пријателка м-р Билјана Гошаревска од Ресен, воедно и портапролка на болницата во Отешево, инаку сопруга на ресенскиот градоначалник Живко Гошаревски.
„Пристигна донација од околу 10.000 евра која се состои од антибиотици, секретолитици, бронходилататори, спрејинхалатори, кортикопрепарати и други лекови кои се користат во лекувањето за нашите пулмолошко болни во Отешево. Донацијата е од Холандија, а нашите донатори Кес и Јохана Барс донираа лекови за потребите на болницата. За нашата институција оваа донација е добредојдена во овие тешки услови на пандемија, посебно за нашите пациенти. Иако оваа година не можеа лично да ни ја донесат, направија напори да пристигне во вистинско време“, рече Гошаревска.
Според објавите на овој брачен пар на интернет страницата на Фондацијата „Водух за Преспа“, поврзаноста со овој крај влече корени од 1930 година. Тогаш, извесен холандски писател објавил написи за убавината на Преспа, што било причина родителите на Јохана да го посетат Езерото. Потоа и Јохана доаѓала со нив, а во 1967 за првпат го сретнала докторот Арсе Гошаревски кој имал комплет за прва помош во кампот каде што таа престојувала. Гошаревски ѝ станал голем пријател на Јохана, а од 1972 и на нејзиниот сопруг Кес.
„Оваа средба резултираше во пријателство за цел живот, сѐ до смртта на докторот Арсе во 2007. Во меѓувреме, за 40 години се случија многу работи. Отидовме на одмор, видовме голем дел од македонската убавина во форма на природа и култура и беревме јаболка. Но, не помалку важно, нè погоди огромната топлина и гостопримливост на луѓето“, пишува брачниот пар Барс на нивната интернет страница.
Доктор Арсе, инаку татко на денешниот градоначалник на Ресен Живко Гошаревски, пред 40 години ја основа болницата во Отешево. Тогаш, неговите пријатели од Холандија почнаа да праќаат помош. Тие средствата ги собираат во странство преку нивната Фондација „Воздух за Преспа“ и досега донирале 29 пати.
„Тие се наши куќни пријатели, како семејство ни се. Доаѓаат секоја година и кај нас дома престојуваат. Големи вљубеници се во Преспа, во природата, културата, храната. Беа спречени да дојдат само годинава поради пандемијата со ковид-19, но помошта ја пратија. Среќни сме што имаме вакви пријатели кои секоја година мислат на нас и не нѐ забораваат. Се надеваме дека наредната година ќе бидат тука и заедно ќе го прославиме нивниот 30-годишен јубилеј од донацијата ‘Воздух за Преспа’“, речеГошаревска.
Ж. ЗДРАВКОВСKA