Повеќето матични гинеколози во Куманово ги наплаќаат гинеколошките услуги на бремените жени, иако Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Македонија предвидува бесплатни прегледи за време на бременоста. Истражувањето на Националниот ромски центар (НРЦ) од Куманово, покажало дека дури 74 одсто од бремените Ромки и жените од социјално ранливите категории морале да платат контролниот преглед и друг вид на услуги, а за само 24 отсто бил бесплатен.
Програмата за партиципација ги покрива сите прегледи, лабораториски анализи, ПАП брисеви.
„За овој факт сведочат бројни истражувања кои го третираат ова прашање, но во конкретниот случај го посочуваме спроведеното истражување на НРЦ од 2019 до 2020 година, според кое дури 74 проценти од жените Ромки во Куманово плаќале за контролните прегледи во текот на бременоста. Притоа им биле наплатувани 300 денари за ехо преглед, 300 денари за микробиолошки брисеви и 500 денари за мајчина книшка, а сите услуги се бесплатни“, изјави Ќани Мустафовски од НРЦ.
Тој додава дека матичните гинеколози ги кријат правата за бесплатна здравствена заштита на бремените жени, па поради тоа 90 отсто од бесплатните лабораториски прегледи остануваат неискористени, а 95 отсто од жените не добиваат бесплатната фолна киселина.
Претседателот на НРЦ Ашмет Елезовски вели дека оваа пракса не е само во Куманово туку во целата држава, а злоупотребата не може да се докаже затоа што лекарите не издаваат фискални сметки. Само во еден случај тие реагирале, по што лекарот издал бесплатна потврда на бремената жена.
Од НРЦ ги повикуваат надлежните здравствени институции да спроведат контрола во работењето на матичните гинеколози и да ги сакционираат прекршителите, за да се обезбеди сигурна бременост на сите жени и здрави идни поколенија. Истовремено, апелираат и до Здружението на гинеколози да го преиспита однесување на нивните членови и колеги.
Проблемот со злоупотребата на правата на бремените жени, невладините организации на симболичен начин го презентираа на пошироката јавност со поставување макета од штрк и детски колички на Градскиот плоштад. Количките подоцна беа поделни на жени со новороденчиња од социјално ранливите категории.
С. НИКОЛИЌ