Вакцината на „Фајзер/Бионтек“ делува и против клучни мутации во новите, високопреносливи варијанти на коронавирусот откриени во Велика Британија и Јужна Африка, покажа истражување спроведено од американската компанија.
Истражувањето покажало дека вакцината е ефективна во неутрализирањето на вирусот со таканаречената мутација N501Y, која се смета за попренослива од оригиналниот вирус, но не и за поопасна.
„Досега ја тестиравме вакцината против 16 различни мутации и ниедна од нив немаше никакво значително влијание. Тоа е добра вест, но не значи дека така ќе биде и со 17. мутација“, изјави Фил Дормицер, еден од врвните научници за вакцини на „Фајзер“.
Според него, загриженост предизвикала и една мутација откриена во јужноафриканската варијанта на коронавирусот. Тој вели дека вакцината на „Фајзер“ ќе се тестира и на други мутации пронајдени во британскиот и јужноафриканскиот сој.