Македонија ја одобри вакцината на Универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“, затоа што станува збор за вакцини кои ги поминале потребните испитувања и се одобрени од страна на странските регулаторни тела и истите ќе се аплицираат и кај нас при претстојната вакцинација, вели Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМК.МК, откако Швајцарија објави дека не ја одобри оваа вакцина. Швајцарија го одложи одобрувањето на вакцината против ковид-19 на Оксфорд и „АстраЗенека“ поради тоа што нема доволно податоци за безбедноста, квалитетот и ефективноста.
Повеќе европски земји имаат резерви за оваа вакцина. Франција на 2 февруари кажа дека нема да ја дава вакцината на лица над 65 години, а Германија, Австрија, Шведска и Полска ја препорачуваат за лица до 65 години, а Италија и Белгија до 55.
Велика Британија, Индија, Мексико и Аргентина ја одобрија оваа вакцина за сите возрасни групи.
Првата пратка од „АстраЗенека“ се очекува да стигне кај нас во март.
„Што се однесува до возрасните групи кај кои ќе се аплицираат овие вакцини, при употребата на истите МЗ ќе се води според насоките издадени од страна на официјалните европски агенции“, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Велика Британија ја одобри вакцината на Оксфорд на крајот на декември и нејзината предност е што може да се чува во обични фрижидери, што ја прави полесна за дистрибуција и е доста поевтина од останатите вакцини против ковид-19 што веќе се на пазарот. Оваа вакцина е веќе одобрена во 50-ина земји и тие тврдат дека таа дава 76-процентна заштита три месеци после првата доза, што се зголемува со втората доза.
Неколку часа откако Европската агенција за лекови (ЕМА) на 29 јануари ја одобри вакцината на Оксфорд и „АстраЗенека“ за сите возрасни групи, францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека оваа вакцина е „квази-неефикасна“ затоа што раните испитувања покажале дека не е ефикасна за луѓе од 60-65 години.
Но, со тоа не се согласуваат Британската Влада и британските медицински регулатори.
„Моменталните докази не покажуваат недостаток на заштита против ковид-19 за лица на 65“, изјави директорката на Британската агенција за лекови, д-р Џун Рејн.
За време на клиничките истражувања, вакцините се даваат на илјадници волонтери од различни возрасни и етнички групи, како и здравствена состојба. Други добиваат плацебо.
Потоа научниците чекаат одреден број од учесниците да се заразат со вирусот и да видат кој се инфицирал. Ако најголем број од тие се оние кои примиле плацебо, заклучокот е дека вакцината е ефикасна.
За европските регулатори спорно е што сметаат дека за вакцината на „АстраЗенека“ не биле вклучени доволен број на учесници над 65 години за да може да се потврди ефикасноста. Тоа е така затоа што само двајца од 660 лица во таа група се заразиле.
Другите компании како „Фајзер“ на пример, вклучиле повеќе возрасни лица во нивните истражувања. Британската агенција вели дека бројката на повозрасни лица кои се заразиле за време на испитувањата на „АстраЗенека“ била доволна за да се донесат заклучоци за ефикасноста. Франција и Германија се фокусираат на тој факт. Тие не тврдат дека не е ефикасна, како што рече Макрон, туку дека ќе чекаат повеќе информации во наредните недели.
Оксфорд и „АстраЗенека“ рекоа дека резултатите од испитувањата на 2.000 возрасни над 55 години во Британија наскоро ќе бидат достапни, а исто така од испитувањата во САД.
Б. НЕСТОРОСКА