Состојбата со коронавирусот во Струга и Вевчани е стабилна. Бројот на заразени е значително намален. Во Здравствениот дом во Вевчани хоспитализирани се само тројца пациенти.
„Состојбата е стабилизирана епидемиолошки сликата е под контрола. Вирусот повеќе не се шири на подрачјето на селата Лабуништа, Октиси, Татеши, Подгорци и Велешта. Во моментов во Вевчани имаме тројца активни позитивни во дневната болница во ковид амбулантата а на територијата што ја покриваме се 15 лица“, вели директорот на Здравствен дом Вевчани, Јован Стојкоски.
Во вевчанскиот регион досега беа лекувани 250 заболени од корона вирусот, најголем број од Лабуништа каде беа регистрирани најголем број заболени, но и починати од корона вирус.
„Голема бројка за нас со оглед на капацитетите што ги имаме навистина голема бројка. Тоа е некаде 90% од вкупниот број на пациенти во болницата отпаѓаат на ковид пациентите. Немаме статистички бројки процентот е некаде околу 4 или 4,5% поголем отколку на ниво на Македонија“, додава Стојкоски.
Струга беше една од најпогодените општини од почетокот на пандемијата со дневно најголем број заразени. Сега бројот на заболени кои се лекуваат во Општата болница е само 15 пациенти.
Засега во струшко нема ниту заболени со британскиот сој на вирусот , кој во моментов е најзастапен во Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА