Откако ѝ беше украден тракторот пред десетина дена, самохраната мајка Кристина Бошкоска (48) заедно со нејзините три малолетни деца од страв го напушти семејниот дом во прилепското село Небрегово. Засолнета е во друга куќа кај роднина на нејзиниот покоен сопруг плашејќи се дека крадците, кои полицијата уште не ги фатила, може да се вратат. Тракторот со кој таа ги обработувала нивите со тутун, обезбедувајќи приходи за семејството, пред десетина дена ѝ беше украден од дворот на семејната куќа во село Небрегово.
Полицијата потврди дека имало кражба и велат дека работат на случајот. За детали за истрагата се обративме и до Министерството за внатрешни работи (МВР) во Скопје, но нема одговор.
„По сѐ што се случи страв ми е да седам во куќата во Небрегово, да не дојде некој да ни направи нешто. Исплашени се и децата, сместени сме кај една роднина“, вели Бошкоска.
Како жена во рурална средина на која ѝ починал сопругот, па останала сама со децата дома, без заштита, кажува дека и пред да ѝ го украдат тракторот некој се обидел да го запали.
„Среде бел ден додека одмаравме со децата дома, некој го запали седиштето од тракторот. Почувствував миризба на изгорено и излегов надвор, кога гледам запален оган. Го изгасив. Тоа беше некаков знак, но не сфатив така. Се случуваше навечер некој да тропа на вратата и на прозорецот, ме плашеше, сама жена. Молчев, на кого да му кажам? Цело семејство по моја страна е во странство“, вели жената.
Заедно со тракторот марка ИМТ-539, крадците ја однеле и приколката. Механизацијата Кристина ја користела за обработка на 15 декари ниви со тутун и така ги претхранува децата. Тракторот иако стар 14 години, го имала подновено со нови гуми и акумулатор, а го возела сама. Неодамна ѝ ја украле и моторната пила со која преку лето сечела дрва кај семејства кои имале потреба од тоа и така дополнително заработувала. Таа е Албанка од селата околу Лежа, која пред 14 години се омажила во Македонија, но соптугот ѝ бил инвалид и починал, па останала сама да ги одгледува децата, од кои двете девојчиња се по 14 и 12 години, а момчето осум.
Животната приказна на Кристина од Небрегово која ја објави САКАМДАКАЖАМ.МК има голем одглас. Хумани луѓе, фирми, па и претставници од амбасади во земјава се јавија за да помогнат.
За помош ја објавуваме и трансакциската сметка на Бошкоска – 210501667320536 во Тутунска банка.
Таа вели дека би била пресреќна да може да собере пари за да купи барем половен трактор. Семејството добива 9.000 денари семејна пензија.
Се обративме и до градоначалникот на Општина Долнени Џемал Ќамили, дали можат да ѝ помогнат на самохраната мајка, но засега од тау нема одговор.
Додека од полиција велат дека работат на расчистување на случајот, јавноста се чуди како е можно да се украде трактор и по десет дена да не може да се пронајде. Дел од коментарите се дека тоа не е игла во сено, па да исчезне.
Од друга страна, од полиција соопштија дека кражбата се случила во временскиот период кога таа била отсутна од Небрегово од 19.01.2021 до 02.02.2021 од страна на непознат сторител од дворот од нејзината куќа. Кристина, пак, го тврди спротивното, дека во критичната вечер биле дома, имало дожд и немало струја. Утрото кога се разбудила во дворот го немало тракторот, а дождот ги избришал трагите за местото кон каде бил однесен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА