Од вчера, сите британски и ирски државјани и жители на Велика Британија кои се враќаат во Англија од високоризични држави мора да одат во самоизолација во хотел. „Црвената листа“ вклучува 33 држави, како Јужна Африка, Бразил, Аргентина, Португалија и Обединети Арапски Емирати.
Оваа регулатива има за цел да го спречи внесувањето на новите, попреносливи варијанти на коронавирус во земјата, а десетдневен престој во еден од хотелите определени од владата ги чини 1.750 фунти оние кои се изолираат. Тие сами плаќаат и мора однапред да резервираат хотел преку владин сајт, а во цената се вклучени престојот, транспортот и тестирањето. Прекршувањето на правилото ќе се казнува со суми до 11.500 фунти, но и со затвор до десет години.
Во Шкотска, ова правило важи за сите кои се враќаат во земјата, не само за државјаните на овие 33 држави.
„Се тестирав за коронавирус и беше негативен, не знам зошто мора да останам во хотелска соба десет дена. Цената на престојот е превисока и луда за десет дена, но барем собата не е лоша. Ми кажаа дека храната ќе ми ја оставаат пред вратата“, изјави 23-годишниот Бразилец Рожер Гонсалвес, кој е во карантин во хотелот „Радисон блу едвардијан“ во близина на аеродромот „Хитроу“.
Зари Тадајон (66) е во изолација откако вчера се врати од Дубаи.
„Ужасно ми е, зашто всушност живеам во Лондон и тука имам свој дом. Не сум подготвена за ова, а имам и здравствени проблеми“, вели таа.
Владата кажа дека досега постигнала договор со 16 хотели, обезбедувајќи речиси 5.000 соби за новиот карантински систем, а на чекање се уште 58.000 соби. Ако некој сака да остане во соба со уште еден возрасен или со дете над 12 години мора да доплати 650 фунти, а за дете од пет до 12 години е 325 фунти. За време на карантинот, сите двапати ќе бидат тестирани за коронавирус.