Пожарот во кој загина 80-годишна жена избил изутринава околу 7 часот во нејзината куќа во село Жилче, Тетовско. Според кажување на жителите од селото, жената живеела во куќата на нејзиниот син, а само за спиење одела во просторија веднаш до куќата каде избил и пожарот. Се претпоставува дека пожарот настанал од печката на дрва со која се затоплувала собата.
„Во 7 часот и 10 минути во СВР Тетово пријавен е пожар кон настанал во помошен објект до куќа во тетовското село Жилче, во кој престојувала и била пронајдена почината 80-годишната Р. Ѓ. од ова село. Пожарот го пријавил нејзиниот 44-годишен син, по што е целосно изгаснат од тетовската Територијална противпожарна единица“, рече Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Командантот на тетовската пожарна Ука Алити кажа дека во гаснење на пожарот учествувале три возила со седум пожарникари.
„По пристигнувањето и почнување со гаснење на пожарот ни беше кажано дека внатре има една жена. Ние влеговме во објектот и ја најдовме жената која за жал веќе беше почината. Забележавме оган во собата каде престојувала и на покривната конструкција. Пожарот е локализиран за дваесетина минути“, изјави Алити.
З. АНДОНОВ