Стотина граѓани вечерва пред Универзалната сала во Скопје се простија од српски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина вчера во Нови Сад од ковид-19. Пред платото на Универзална сала каде Балашевиќ во неговата богата музичка кариера држа повеќе концерти, граѓани му одадоа почит палејќи свеќи и пеејќи ги неговите песни.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вчера на својот фејсбук профил напиша дека со Балашевиќ договарале при повторното отворање на Универзална да настапи токму тој.
Синоќа и денеска во повеќе градови низ целата бивша Југославија се одвиваат слични собири на кои му се оддава почит на Балашевиќ, а во Србија денот на неговиот погреб ќе биде прогласен за ден на жалост.
Познат по прекарот Панонски морнар, по неговата популарна песна, Балашевиќ кариерата ја почна со групата „Жетва“ и хитот „Во патецот те бакнувам (У раздељак те љубим), продолжи со „Рани мраз“, а 1982 почна соло кариера и стана еден од најпопуларните кантавтори во бивша Југославија. Автор е на 12 студиски албуми и два снимени во живо. Меѓу хитовите се и „Моја прва љубов“ (Моја прва љубав), „Сметајте на нас“ („Рачунајте на нас“), „Прости ми Катрин“ (Опрости ми Катрин), „Приказна за Васа Ладачки“ (Прича о Васи Ладачком), „Животот е море” (Живот је море).
Уште во 1987 година со песната „Само да нема војна“ (Само да рата не буде) најави како ќе се позиционира во претстојните трагични случувања во земјата и за време на војната падна во немилост на режимот на Слободан Милошевиќ поради своите антинационалистички и антивоени ставови и стихови.