Монтажниот Ковид-центар кај Инфективната клиника во Скопје повторно се отвара за прием на пациенти, поради зголемениот број заболени од коронавирус, потврдија од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК. Во оваа модуларна болница досега се наоѓаше вакциналниот пункт во кој против ковид-19 се вакцинираа здравствените работници, но пунктот сега се сели во Центарот за јавно здравје во Скопје.
Од Министерството велат дека се стравува оти бројот на заболени уште повеќе ќе се зголемува поради генералното непочитување на мерките за заштита, но и поради престојните настани на кои ќе има поголеми групирања – како одбележувањето на Задушница престојниот викенд, но и очекуваните кафеански прослави на 8 Март. Се очекува забрзаниот трет бран на ковид-19 да донесе и поголем притисок врз ковид-болниците и Инфективните одделенија во земјава.
Според денешната евиденција на Министерството за здравство, во Ковид-центрите во Скопје имало 30 слободни болнички кревети, а во цела земја 350. Во изминатите 24 часа во Ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 39 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а вкупно лежат 323 лица. На Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава лежат 787 и има околу 350 празни болнички кревети.
Минатата недела, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека дефинитивно е можно воведување рестрикции поради ширењето на ковид-19, но засега не. Тој кажа и дека во МАНУ траат испитувањата, а според лабораторијата во „Жан Митрев“, кај нив 70 отсто од примероците е детектиран британскиот сој на вирусот, кој побрзо се шири.
За една недела бројот на новозаболени од ковид-19 е зголемен за 56.4 отсто во споредба со претходната недела, односно, од 22 до 28 февруари регистрирани се 3.628 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најмногу нови болни има во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп, Охрид. Најбројна е возрасната група над 60 години но голем број има и од 30-39 години.
Премиерот Зоран Заев денеска даде нов термин за почеток на општата вакцинација на населението, кон крајот на март кога треба ќе стигне првата тура од вакцините на „Фајзер“. Во земјава досега единствено се вакцинирани над 2.500 медицински лица, од над 8.000 дози вакцини добиени од Србија.