ИМАШЕ МОМЕНТИ КОГА НЕ САКАВ ДА ЖИВЕАМ ПОВЕЌЕ – МЕГАН МАРКЛ ГО ОБВИНИ БРИТАНСКОТО КРАЛСКО СЕМЕЈСТВО ЗА РАСИЗАМ И ЛОШ ОДНОС ВО ИНТЕРВЈУТО СО ОПРА ВИНФРИ

    ИМАШЕ МОМЕНТИ КОГА НЕ САКАВ ДА ЖИВЕАМ ПОВЕЌЕ – МЕГАН МАРКЛ ГО ОБВИНИ БРИТАНСКОТО КРАЛСКО СЕМЕЈСТВО ЗА РАСИЗАМ И ЛОШ ОДНОС ВО ИНТЕРВЈУТО СО ОПРА ВИНФРИХари и Меган го дадоа првото интервју откако пред една година се повлекоа од кралските задолженија (Фото: Ројтерс)

    Меган Маркл изјави дека животот во британското кралско семејство ѝ бил толку тежок што на моменти не сакала да биде жива. Во емотивно ТВ-интервју со Опра Винфри, кое се исчекуваше со огромен интерес, војвотката од Сасекс кажа дека не добила помош кога ја барала.

    „Дното беше достигнато кога еден член на кралското семејство праша колку темна кожа би можел да има нашиот син“, кажа Меган.

    Интервјуто се емитуваше ноќеска во САД, а денеска ќе го објави и британската национална ТВ-мрежа Ај-Ти-Ви и тоа беше прво јавно обраќање на принцот Хари и Меган Маркл откако пред една година се повлекоа од кралските задолженија и се преселија во САД.

    Меган кажа дека почнала да се чувствува осамено кога почнале да ѝ поставуваат граници што може да прави, при што имало период од неколку месеци кога воопшто не ја напуштила куќата. Запрашана од Опра дали помислувала да се повреди и дали имала самоубиствени мисли на моменти, Меган изјави:

    „Да, тоа беше многу, многу јасно и многу страшно“.

    За време на интервјуто, кралското семејство беше обвинето дека не ги заштитило Хари и Меган, а ситуацијата се влошила откако се венчале во мај 2018.

    „Не само што не ме заштитија, туку и беа подготвени да лажат за да заштитат други членови на семејството“, рече таа.

    Хари кажа дека има добар однос со кралицата Елизабета Втора и дека често зборуваат, но призна дека му се влошил односот со татко му, принцот Чарлс.

    „Се чувствувам изневерено од него. Секогаш ќе го сакам, но доста болка ни е нанесено“, кажа Хари, додавајќи дека семејството целосно му го прекинало финансирањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира