Премиерот Зоран Заев со класифициран документ бил информиран зошто во неделата беше приведен бизнисменот Јордан Камчев, исто како што биле информирани и претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери. Од она што го видел, Заев смета дека Агенцијата за национална безбедност имала сериозни аргументи дека Камчев се подготвува за бегство.
„Нормално дека сум информиран од Агенцијата за национална безбедност која е под Владата, преку службена белешка стого доверливо, за деталите за поднесокот пред Јавното обвинителство. Тие се строго доверливи, не можам да ги коментирам, но можам да кажам дека се сериознио причини, кои што биле основ да посегнат по една ваква белешка до Обвинителството. Она што го видов е сериозно аргументирано. Оставам понатаму на надлежните институции да одлучат дали ќе споделат одредени детали. Јас не би ги споделил бидејќи станува збор за класифициран документ“, рече премиеорот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за притворот на Камчев на прес-конференцијата на која го најави конгресот за избор на претседател на СДСМ в недела.
Бизнисменот Јордан Камчев на 14 март беше приведен по информација на АНБ дека се подготвува за бегство. Од судија на претходна постапка доби мерка притвор од 30 дена, осомничен за помагање во незаконското купување на плацевите за Никола Груевски како тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, а осомничени се и Сашо Мијалков и кумот на Груевски Ристо Новачевски. Мијалков веќе е во Шутка чекајќи правосилност на 12-годишната казна затвор за случајот со масовоното прислушување.
А. АНТЕВСКА