Министерството за здравство уште не знае колку македонски државјани се вакцинирале во Србија. Откако голем број македонски граѓанки и граѓани викендов масовно се вакцинираа во Ниш и во Белград, САКАМДАКАЖАМ.МК праша дали Министерството добило податоци колку граѓани примиле вакцина надвор од државата не само викендов туку и изминатиот период.
Официјална бројка даде само Стопанската комора на Северна Македонија, од каде кажаа дека 2.100 граѓани од македонската бизнис заедница викендов се вакцинираа против ковид-19 во Ниш, во организација на регионалната инцијатива Коморски инвестициски форум.
Вакцинација на македонски државјани во Србија продолжи и денеска. Граѓани кои утрово се вакцинирале во спортската сала „Чаир“ во Ниш, ни испратија фотографија дека вакциналните пунктови денеска ќе работат до полноќ.
Во моментов, граѓаните кои се вакцинирале во Србија не се евидентирани во нашиот здравствен систем, а не знаат ниту каде треба да се пријават. Матичните лекари кои ги контактиравме ни рекоа дека нивни пациенти им ги испраќаат потврдите што ги добиле од здравстените домови во Србија, но засега немаат никаква информација каде и како да ги регистрираат.
„Постојано од утрово се јавуваат пациенти да пријават дека се вакцинирале во Србија, но ние немаме никаква можност да ги заведеме во системот. Единствено што можеме да направиме е да запишеме во нивниот картон дека се вакцинирани во странство“, вели матичен лекар.
Од кабинетот на министерот Венко Филипче досега не добивме одговор на нашето прашање кое го испративме утрово. Тој на прес-конференцијата, на која најави дека од среда почнува вакцинацијата на населението, кажа дека стапил во контакт со српскиот министер за здравство Златибор Лончар за да добие податоци за бројот на вакцинирани, но не кажа дали добил повратна информација.
Министерот во саботата рече дека ќе се бара начин овие лица да се пријават во нашиот систем доколку не добијат податоци од српската влада.
„Ќе разговарам со српскиот колега Лончар да видиме дали може да ги добиеме податоците електронски за да ги вградиме во нашиот систем. Доколку не, ние веќе попладнево разговаравме да направиме еден модул на сегашниот сајт ‘вакцинација’ за тие граѓани да можат да се пријават. Граѓаните секако добиле термин за ревакцина, доколку некој не може да оди во Србија, доколку некој кој сака овде да продолжи, ние тоа ќе го испланираме во нашиот систем“, рече Филипче.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави дека кон почетокот на април истекува рокот на околу 20.000-25.000 дози од вакцината „АстраЗенека“, и наместо да ги уништат решиле да помогнат на голем број граѓани од регионот.
Претседателот Александар Вучиќ кажа дека гледа начин како да им се помогне на Црна Гора и на Северна Македонија.
„Србија не може да биде спасена, ако не е спасен регионот. Не знам како не разбираат, не сме ние пуст остров, живееме заедно со другите“, кажа Вучиќ.
Досега, во земјава официјално се вакцинирани 7.005 мeдицински лица со вакцината на „Фајзер“ донација од Србија и со „Спутник“ преку директен договор на државата со Русија.
А. АНТЕВСКА