МАКЕДОНСКАТА ВОЈСКА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРА СО КИНЕСКИ ВАКЦИНИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА ФЕНГХЕ

    МАКЕДОНСКАТА ВОЈСКА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРА СО КИНЕСКИ ВАКЦИНИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА ФЕНГХЕМинистерката Шекеринска од генералот Фенгхе побарала побрза испорака на вакцините од Кина. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Министерот за одбрана на Народна Република Кина, генералот Веи Фенгхе, кој денес е во официјална посета на земјава најави дека Армијата ќе може да се вакцинира со кинеските вакцини. Фенгхе ова го кажал на средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска која пак од него побарала побрза испорака на кинеските вакцини кои земјава ги има нарачано преку директен договор.

    „70 земји во светот ја одобрија употребата на кинеските  вакцини. Во Кина 100 милиони луѓе  се вакцинирани. Како одговорна  земја, Кина сака да придонесе  да се доведе пандемијата под контрола“, рече кинескиот министер за одбрана Веи Фенгхе и најави дека ќе се заложи за побрза испорака на кинеските вакцини во Северна Македонија.

    Тој на средбата порачал дека одбранбената соработка меѓу Кина и Северна Македонија е добра, но постои простор за зајакнување на соработката во школувањето и воената обука, справувањето со кризи, во мировните операции и обуката на специјалните сили.

    Министерката Шекеринска му се заблагодарила за кинеската поддршка во справувањето со последиците од пандемијата. Народна Република Кина во јули 2020 година за Армијата донираше заштитна медицинска опрема составена од заштитни маски, заштитни очила, визири, заштитни одела, ракавици, инфузиски пумпи, термометри и термални шлемови, во вкупна вредност од околу 250.000 долари

    „Ниту една земја не може да изгради ѕидови и да се заштити од пандемијата доколку целиот свет не се заштити. Само кога сите заедно се бориме со истиот непријател, ќе имаме подобри и побрзи резултати”, рече министерката Шекеринска.

    Кинескиот министер имаше средби и со премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

     

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира