ВО БИТОЛА ДОПРВА СЕ РАЗГОРУВА ЕПИДЕМИЈАТА, ДВА ДЕНА ПО РЕД СО НАД 100 ЗАБОЛЕНИ

    ВО БИТОЛА ДОПРВА СЕ РАЗГОРУВА ЕПИДЕМИЈАТА, ДВА ДЕНА ПО РЕД СО НАД 100 ЗАБОЛЕНИВо Битола има 897 активни случаи. (Фото: СДК.МК)

    Четири дена со ред Битола има поголеми бројки на новозаразени лица со ковид-19 отколку Прилеп. Само вчера имаше скоро двојно повеќе, поточно во Битола евидентирани 113 новозаболени, а во Прилеп 59. Ваквиот тренд започна од 30 март и трае во првите денови од април.

    Бројките на новозаразени битолчани во третиот бран се поголеми од највисоките достигнати за време на есенскиот пик. Тогаш без евидентирани до сто новозаболени на ден, а сега бројката достигна и до 113. За два дена градот доби 218 нови пациенти. Со ова, а според податоците на Институтот за јавно здравје, Битола изби на трето место на табелата со активени случаи од градовите во внатрешноста. Во Битола има 897 лица кај кои болеста е во тек, а пред неа се Прилеп со 1.106 и Куманово со 966.

    „Битолчани мораат и понатаму многу да внимаваат, поради ниското ниво на колективен имунитет. Прилично добро се држевме и во овој бран, се` до пред неколку дена. Додека во цела држава наближува врвот на бранот, а во некои градови веќе настапил, во Битола допрва се разгорува епидемијата. Со ефективен репродукционен број Rt = 1,64 ± 0,81 којшто сè уште се искачува, од оваа точка не се гледа врвот. Ако до неодамна велевме дека бројот на активни случаи искачува бавно, деновиве таа забрзува нагоре како никогаш досега. Ако ништо не се преземе, бројот на активни случаи може да достигне 1.700, а бројот на хоспитализирани преку 150“, предупредува редовниот професор од Техничкиот факултет во Битола д-р Дејан Трајковски, кој од почетокот на појавата на болеста прави математичко-статистички анализи за движењето на заразата во земјава.

    И министерот Венко Филипче при вчерашната посета на Битола изјави дека болеста е широка распространета во регионот и има силна локална трансмисија. Тој им порача на битолчани да ги почитуваат превентивните мерки, односно да носат маски и да држат дистанца.

    Градоначалничката Наташа Петровска ги повика угостителите да ги тргнат оградите од терасите за поголема заштита од ковид-19.

    „Сите угостителски работници да ги отворат зимските тераси за да придонесеме да се амортизира кризната ситуација, да не се грижат за тоа кои се одлуките на Совет, зашто формално-правно и тоа можеме да го регулираме. Иако е 15 април тајмингот до кога можат да се чуваат преградувањата, можат да преминат во летната шема на организација зашто така ќе дадат дополнителна поддршка за да не ни се зголемуваат броевите на ковид заразени во нашата држава“, рече градоначалничката Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира